Четири сеизмички настани регистрирани во Финскиот залив во близина на Северен тек

Финскиот Сеизмолошки институт регистрирал четири сеизмички настани со нејасно потекло во водите на Финскиот залив, произлегува од објавите на автоматскиот бот на институцијата, пренесуваат тамошните медиуми.

Се прецизира дека треперењето на морското дно се случило на 20-ти и 21-во октомври во близина на руските места Приморско и Виборг, Според мапата објавена на мрежната страница на рускиот гасен гигант „Газпром“, во таа област минува една од линиите на гасоводот Северен тек, но не е утврдено точното растојание на потресие до гасоводот.

Се наведува дека потресите биле регистрирани споменатите денови во периодот од 12,35 до 18,32 часот по локално време, и тоа првиот со магнитуда од 2,0, потоа со магнитуди со 1,4, 1,5 и 1,4 по Рихтер.

Уште еден сеизмички настан е регистриран во петокот, приближно во истото подрачје и во истиот временски интервал.

Според оцените на Јари Корстром, експерт од Сеизмолошкиот институт при Универзитетот Хелсинки, кого го цитира водечкиот фински дневен весник Helsingin sanomat, станува збор за можност еквивалентна на релативно мали експлозии околу 50 до 100 килограми експлозив. Истовремено стручњакот одбил да шпекулира за причините за потресите.

Минатата седмица беше објавено дека германските истражувачи откриле дека неколку експлозии кои се случиле во близина на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 преку кои по дното на Балтичкото Море рускиот гас се испорачуваше во Германија и Европа, најверојатно биле чин на саботажа. Во Германија сметаат дека саботажата најверојатно не била извршена со воена подморница. Една од разгледуваните верзии е дека експлозивните направи биле потопени во морето од брод и активирани од далечина, рекле неименувани извори во Германија.

Истекувањето на гасот е со дијаметар од осум метри, беше истакнато во прилогот на ARD. Притоа се додава дека двата цевковода на Северен тек 1 имаат по две оштетувања, додека само една од линиите на Северен тек 2 е оштетена.

Претходно шведскиот дневен весник Expressen ги објави првите јавни снимки од оштетувањето откриено на 26-ти септември и објави дека недостасуваат најмалку 50 метри од гасоводот Северен тек 1. Шведската полиција и државното обвинителство се сомневаат дека истекувањето на гасот од цевководите на Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води се последица на намерна експлозија и затоа случајот го истражуваат како чин на саботажа.

Полицијата на Данска објави дека прелиминарната истрага на оштетувањата на двата гасовода во данскиот дел од Балтичкото Море покажуваат дек се предизвикани од „силни експлозии“.

Сите три земји одбија да ги споделат сознанијата од истрагите, повикувајќи се дека станува збор за сензитивни податоци со висок степен на доверливост.

На 26-ти септември, истовремено се случија оштетувањата на двата руски извозни гасоводи за Европа, Северен тек 1 и Северен тек 2. Операторот гасоводите Северен тек, комапнијата „Nord Stream AG“ објави дека инцидентите на гасоводите се без преседан и дека е невозможно да се процени времето потребно за поправка.

Кремљ го нарече инцидентот акт на меѓународен тероризам. Според портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, во областа каде што се случиле експлозиите биле спроведени вежби на НАТО со помош на опрема за големи длабочини. Според претседателот Владимир Путин, „санкциите не им се доволни на Англосаксонците“, па тие почнале да ја уништуваат паневропската енергетска инфраструктура.