Четири силни потреси во низа на западниот брег на Канада

Четири земјотреси со магнитуди меѓу 4,9 и 6,8 по Рихтеровата скала се случија еден по друг во неделата навечер по локално време во водите пред западниот брег на Канада, во областа на Ванкувер, објавија американските сеизмолошки служби.

Засега нема податоци за предизвикани штети или настрадани лица, а не е издадена ниту тревога за можно цунами.

Епицентарот на првиот земјотрес со магнитуда 6,6 во понеделникот во 7,49 часот по средноевропско време бил на 218 километри југозападно од Порт Харди, општина на островот Ванкувер, во покраината Британска Колумбија.

Вториот, со магнитуда од 6,8 по Рихтеровата скала, е регисстриран на 190 километри од Порт Харди, половина час подоцна.

Шест минути подоцна е забележан третиот земјотрес со магнитуда 6,5 на 220 километри југозападно од истиот град, пред четвртот со јачина од 4,9 на истото место, само 14 минути подоцна.

Овој регион се наоѓа во близина на зоната на субдукција Каскадија, гигантска раседлина по копното која се протега од северниот дел на островот Ванкувер до Северна Калифорнија во САД.