Четириесет нови градинки ширум земјава во наредните 4 години

Недостиг од слободни места во градинките и одбиени деца е проблем со кој се соочуваат речиси сите скопски општини. Се повеќе родители се во неможност да ги запишат своите деца во одредена градинка со образложение дека местата веќе се пополнети.

Од Општина Сарај велат дека е потребна уште најмалку една детска градинка.

Градинката која беше предвидено да се изгради не е довршена. Тоа се технички мали работи кои треба да се довршат, но се уште истата е неупотреблива за децата и работата се пролонгира, вели портпаролот на Општина Сарај, Бекир Мухамеди.

Тој додава дека моментно децата или не посетуваат градинка или пак родителите ги запишуваат во градинките низ другите општини.

Потребна е уште една градинка во Кондово. Децата сега немаат каде да посетуваат градинка. Или седат дома, или пак нивните родители ги запишуваат во градинките во други општини во градот, додава Мухамеди.

Од Општина Бутел велат дека немаат забележано случаеви на запишување деца од други Општини, но поради порастот на населението Општината има потреба од уште една градинка во Радишани.

Во Бутел има една Јавна Установа, тоа е „11 Октомври“, која има 5 клона во населбите од Општината. Потребна ни е уште една градинка во Радишани, бидејќи таму повеќе од 100 дечиња се ставени на листа на чекање, но веќе има проект за изградба на истата, која ќе може да згрижи од 100 до 150 деца, вели портпаролката на Општина Бутел, Снежана Клинчарова.

Во Градот Скопје функционираат вкупно 19 Јавни општински детски градинки со 73 објекти во состав и со капацитет за опфат на 10.956 деца.

Смирува податокот од Министерството за труд и социјална политика дека во наредните четири години во план е изградба на околу 40 нови градинки, со фокус на руралните средини од целата држава во кои досега и немало градинки.

– Дел од нив ќе бидат сосема нови, а дел преадаптирани простори. Наш приоритет е подобрувањето на условите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст и во таа насока ќе продолжиме во иднина, вели портпаролот на Министерството за труд и социјална политика, Маријан Гијовски.

Од Министерството велат дека градинки ќе бидат изградени во општините Сарај, Ѓорче Петров, Кисела Вода(Припор, Црниче), Сопиште, Чучер Сандево, Бутел и Аеродром.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.