Четиринаесетгодишник уапсен за убиство на осум лица на роденден во Мексико

Мексиканските безбедносни сили приведоа две млади лица, од кои едното има 14 години, обвинети за напад на семејна веселба во општината Чималхуакан во јануари, кога беа убиени осум лица а уште седум беа ранети.

„Две млади лица се уапсени за убиството на осум лица во сојузната држава Мексико“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на мексиканската полиција, во кое се наведува дека еден од напаѓачите имал само 14 години.

Според полицијата, на 22-јануари момчињата на мотоцикл се упатиле кон куќата каде што се одвивала семејна веселба во општината Чималхуакан и пукале во таму собраните луѓе. Три лица загинале на самото места а уште пет починале од раните во болница. Притоа со прострелни рани се здобиле уште седум лица, меѓу кои и деца на возраст од 3 и 14 години.

Во рамките на полициската операција којашто била спроведени кон крајот на февруари, покрај директните извршители на нападот, приведени се уште седум лица, меѓу кои и водачот на локалната банда која растурала наркотици.

Според полицијата, уапсениот 14-годишникот кој учествувал во масакрот поврзан со илегална трговија со дроги бил нарекуван „Ел Чапито“ (малиот Чапо), што е јасна алузија на затворениот мексикански нарко-барон Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.

Мотивите за конкретното злосторство не се објавени, но медиумите потсетуваат дека нарко-картелите често нарачуваат од локалните банди ликвидации на ривалите на црниот пазар.

Мексико, исто така, покрај беспоштедната борба меѓу картелите, како и со државата, е познато и по ангажирање на деца убијци. Медиумите потсетуваат на случајот од 2010 година, кога мексиканската војска уапсила 14-годишно момче со прекарот „Ел Пончис“ кое тврдело дека било киднапирано на 11-годишна возраст и било принудено да извршува злосторства за картелот на Јужниот Пацифик, еден од ограноците на тогаш поделената банда Белтран Лејва.

Во истрагата момчето кое властите го идентификуваа само како Едгар, признало дека извршило четири обезглавувања. Подоцна во разговор со новинари тврдело дека било дрогирано и дека грозоморните злосторства ги извршувал под закана.