Четворица потенцијални терористи уапсени во северна Англија

Британската полиција уапсила во вторникот четворица мажи осомничени дека планирале терористички напади во текот на божикните презници по претресот на четири куќи на северот од Англија.

Мажите биле на возраст од 22 до 41 година, а уапсени се на три адреси во Шефилд и една во блискиот Честерфилд. Приведени се под сомневање дека учествувале во „подготовка или поттикнување на терористички напади“.

Истовремено британската сообраќајна полиција најави во вторникот дека ќе формира две нови антитерористички единици во Манчестер и во Бирмингем. Единиците ќе имаат вооружени полицајци, специјално дресирани кучиња и експерти за психологија.

Директорот на британската разузнавачка служба MI5, Ендрју Паркер, предупреди уште во октомври дека Велика Британија се соочува со најсериозната терористичка закана кога и да е, по „драматичниот пораст“ на активностите оваа година, вклучително и нападите во Лондон и во Манчестер.

Паркер предупреди на „изразената терористичка закана од исламистичките екстремисти која е „повеќедомензионална, брзо се развива и дејствува на ниво и ритам кој не е претходно виден“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.