Четворица позитивни на коронавирусот во дом за стари лица во Радовиш

Тројца пациенти, корисници на услугите на домот за стари лица ,,Астреон” од Радовиш, со зголемена телесна температура и со бронхопневмонија се префрлени на Инфективните одделенија во Штип и во Скопје.

Од нив, двајца се позитивни на коронавирусот, потврди за „Слободен печат” директорот на оваа приватна установа, Илија Захариев.

Покрај нив, во радовишкиот оддел на ,,Астреон” заразени со коронавирусот се и една медицинска сестра која работела со пациентите, како и хигиеничарката. Како што тврди директорот, нултиот пациент што го донел коронавирусот во „Астреон” била хигиеничарката, која пак се заразила од сопругот, надвор од установата.

„Уште пред да им се потврдат позитивните резултати, најкритичните пациенти ги префрливме во Штип и во Скопје, во Козле. Тие имаа покачена телесна температура и бронхопневмонија. Од тројцата пациенти, позитивни на коронавирусот излегоа двајца. Во установата коронавирусот влезе откако се зарази сопругот на вработена кај мене. Таа не извести, меѓутоа многу доцна, кога и самиот нејзин сопруг бил испратен на тестирање за коронавирусот, а претходно се лечел на матичен лекар. Ние дознавме многу доцна и немавме време да ги изолираме ниту вработените, ниту пациентите. Моментално сите се тестирани, и вработените и пациентите, имаме 32 корисници на услугите. Сите ги тестиравме во петокот и очекуваме резултатите да бидат готови или денеска или утре“, изјави Захариев.

Во врска со тоа како семејствата на пациентите ја прифаќаат оваа ситуација, Захариев тврди дека тие имаат разбирање и не се конфликтни.

„Знаат дека не е наша грешка. Секому може да му се случи, особено сега, кога има локална трансмисија“, додава Захариев.

Без разлика на сѐ, пациентите ќе останат во домот и ќе бидат третирани за тековните медицински состојби, а ако некој развие симптоми веднаш ќе биде препратен во штипската или струмичката болница. Сепак, Захариев тврди дека во струмичката болница покажувале отпор да ги хоспитализираат нивните пациенти поради преголема оптовареност на капацитетот. Полно било и штиското инфективно одделение.