Четворица приведени во истрагата за „Јавна соба“, а членовите се префрлаат во нова група

Контроверзната група „Јавна соба“ не запира, сега брои околу 8.000 членови. Полицијата засега приведе четворица поврзани со групата на „Телеграм“. Двјца битолчани, штипјанец и велешанец. Тие се задржани во полициска станица, велат од МВР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за Канал 5 рече дека идентификувани се и други членови и наскоро ќе има нови апсења.

Акцијата на МВР во соработка со Обвинителството треба да доведе до откривање на креаторот на групата и на сите членови, кои до вчера ги имаше над 8 000, најголем дел со прекари или лажни имиња и со скриени телефонски броеви.

Спасовски вели дека сите за кои ќе се докаже дека биле дел од оваа мрежа на злоупотреба на лични податоци и други дела се соочуваат со сериозна кривична одговорност.

Во меѓувреме, порталот А1он објави информација дека по денешните апсења членовите на „Јавна соба“ почнале да се префрлаат во друга група .

„Направена е нова група, пишете ми во порака да ви ја пратам“, е пораката испратена до членовите, што ја објави А1он.

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека доколку од „Телеграм“ не одговорат на многубројните барања да ја затворат оваа група, не се исклучува можноста апликацијата да биде блокирана во земјава.

Според него, ова не е цензура на комуникација, но е нешто од што граѓаните мора да бидат заштитени.

„Денес ова се случува на ‘Телеграм’, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде што се случуваат вакви кривични дела. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за ‘Телеграм’ и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“, вели Заев.

Ги повика членовите на групата да престанат да споделуваат туѓи содржини и да излезат од таа група.

И министерот Спасовски потврди дека оваа опција е отворена. И тој ги повика младите што ги користат социјалните мрежи да пријавуваат сомнителни случаи и додаде дека вакви групи како оваа постојано се отвораат, но институциите се подготвени да се справат со нив.

Претходно, претседателот на државата Стево Пендаровски повика на итно разрешување на случајот, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека две лица од Велес и Битола се веќе приведени.