Четворица загинати и 200 повредени во невремето во Хрватска

Во невремето што вчера попладне и вечерта ја зафати Хрватска четири лица загинаа, двесте се повредени, а повеќе од 2.000 згради се оштетени, покажуваат досега собраните податоци.

Две лица загинаа на подрачјето на градот Загреб, едно лице на подрачјето на Бродско-посавинската жупанија и еден пожарникар на подрачјето на Вуковарско-сремската жупанија, јавува Хина.

Оштетени се повеќе од 2.000 станбени, деловни и други објекти, како и голем број возила, а штетата се уште се проценува.

На подрачјето на градот Загреб оштетени се две училишта, два здравствени домови, пет клиники и една болница.

Во отстранувањето на последиците од невремето беа ангажирани сите расположливи сили на итните служби (пожарникари, полиција и итната медицинска помош), припадници на цивилната заштита и комуналните служби, а граѓаните помогнаа и во расчистувањето и отстранувањето на гранките и разните предмети од патиштата.

Здружението на хрватската противпожарна бригада соопшти дека се евидентирани 1.507 интервенции во кои учествувале 3.865 пожарникари со 1.604 возила.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.