Четврта дебата за избор на претседателски кандидат од демократите

Претседателските кандидати од Демократската партија синоќа во Вестервил, Охајо, настапија на четвртата демократска дебата, на која стана очигледно дека се кристализара водство на двајца фаворити – сенаторите Елизабет Ворен и Берни Сандерс, додека поранешниот потпретседател Џо Бајден, лидер во досегашната трка, го губи сјајот.

Дебатата, организирана од независните медиуми „Си-Ен-Ен“ и “Њујорк тајмс“, отвори нова динамика во трката за номинација на претседателски кандидат. Ворен на пример беше ставена на тапет од другите кандидати како Бајден, градоначалникот Пит Бутиџич и сенаторките Ејми Клобучер и Камала Харис, за нејзините „општи“ идеји за решение на горливиот проблем со општо здравственото осигурување во САД.

Таа беше одлучна во одговорот за нејзиниот план „здравство за сите“, но сепак не кажа конкретно дали има намера да воведе повисоки даноци кај средната класа Американци за да го оствари. Најверојатно, со тоа што прими најмноу удари, Ворен избива на прво место во дебатите како алтернатива на Бајден, досега најсериозниот кандидат. Тоа ја покажа нејзината спремност да му се спротивстави на Трамп на изборите идната година во ноември, и да биде спаринг партнер на сериозните кандидати како Бајден или Бутиџич.

Од синоќешната дебата се увиде намалената виталност на Бајден во досегашното трка – никој не го предизвика со директни прашања и тоа е знак за неговиот намален статус. Доби само мал предизвик од водителите на дебатата кои го прашаа за ангажманите на неговиот син Хантер Бајден во Украина. На ова не испорача конкретен и јасен одговор, а останатите кандидати не ја презедоа темата. Станува јасно дека отстапува од Ворен во борбата за првото место во трката и тоа го покажаа и последните анкети, како онаа во Ајова.

Сендерс пак, укажа дека неговата ситуација со здравјето, проблемот со срцето, од пред две недели кога имаше повеќедневен прекин на неговата кампања, се надминати и тој се враќа во трката. Повика на „здравствено осигурување за сите“.

-Јас сум здрав и се чувствувам одлично“, изјави тој пред крајот на дебатата, откако претходно стапи во дуел со Бајден околу нивнити идеолошки разлики.

На синоќашната дебата свои моменти имаше и Бутиџич, градоначалик на Саут Бентон, сојузна држава Индијана, укажувајќи дека тој е единствениот кој се стреми кон позициите на првите тројца фаворити, стапувајќи со нив во сериозни дуели.

Харис и Кори Букер, сенатор од Њу Џерси, се најверојатни аутсајдери во дебатата откако нивниот глас не беше толку слушнат. Тие овојпат се истакнаа на темата надворешна политика, со напад врз Трамп околу конфронтацијата со Русија. Дебатата, секако, ја допре и темата за импичментот и вмешаноста на Москва во изборите на САД со „моралните слабости“ на американскиот претседател кон неговиот руски колега Владимир Путин.

Букер го обвини Трамп за тоа што од „моралното лидерство на земјата направи катастрофа“.

-Ние повеќе не можеме да си дозволиме Русите и понатаму да го зголемуваат своето влијание поради тоа што ја напуштаме светската арена. Не смееме да и дозволиме на Русија да се меша во Украина, Летонија и Литванија, повика тој.

Додаде дека е неприфатливо „да се откажеме од критики до нивна до адреса за обидите да се вмешаат во нашата демократија“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.