Четврти ден од расправата за предлог буџетот за следната година

Четврти ден од расправата во Собранието за предлог буџетот за следната година.

Пратениците од Национална демократска преродба сметаат дека буџетот не треба да биде поддржан затоа што не нуди развој и се заснова на погрешни буџетски политики кои се насочени кон купување на гласови од пензионерите и социјалните категории. 

Пратеничката Дешира Имери од ДУИ не се согласи со таа констатацијата, истакнувајќи дека во него се опфатени низа проекти кои ДУИ ги имала во изборната програма.

Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците посочи дека Владата во изминатите години добро ја менаџирала економијата бидејќи споредено со земјите од регионот, Македонија е во поповолна положба, односно е ниско задолжена, иако треба да се внимава со задолжувањата, а невработеноста за првпат е под 30 проценти.

„Денеска сме сведоци дека и покрај неповолното опкружување, не се реализираа сценаријата за грчко сценарио, туку напротив Македонија има подобри резултати“, рече Хасипи.

За Горан Сугаревски од СДСМ, буџетот за 2014 година е базиран на преголеми казни и глоби, поголеми задолжувања и непродуктивни трошоци.

По барање на пратеничката група на ДПА дадена е пауза од еден час.