Четврти европски медал за каратистот Емил Павлов, Јованоска петта

Најдобриот спортист на Македонија за 2018 година, каратистот Емил Павлов ја доби борбата против Романецот Флорин Гоголоси со 3-2 и го освои бронзениот медал на 54-то Европско првенство во шпанска Гвадалахара.

Иако противникот прв ги освои првите два поена во првата половина од борбата, Павлов смирено и со одлична тактика и психолошка стабилност во втората половина од борбата со три брзи акции успеа да освои три поена и да се избори за голем пресврт.

На крајот со својот четврти медал на европските сениорски првенства го повтори успехот од Монпелје 2016 година. Во 2014 година во Тампере беше европски шампион, како и минатата година во Нови Сад. Во Гвадалахара Емил постигна вкупно 4 победи и само еден пораз, во полуфиналето против Русинот Плахутин кој подоцна освои златен медал. Со овој успех Емил избори за норма за настап на вторите Европски игри, кои ќе се одржат во Минск од 26 до 30 јуни. На првите Европски игри во Баку пред 4 години Емил Павлов беше одреден за знаменосец, а стана и прв освојувач на медал од македонските спортисти.

Борба за бронзен медал имаше и Пулексенија Јованоска, која во кати мина три круга и се спротивстави на Французинката Александра Ферас. Според новиот бодовен систем, на крајот Пулексенија за нијанса не успеа да освои медал откако заврши со 25.46 поени а нејзината противничка со 26.08 поени. Пулексенија со тоа го повтори својот најдобар сениорски резултат од Монпелје 2016 година, кога исто така се пласираше на петтото место.

Од другите наши натпреварувачи на ЕП во Гвадалахара, позначајни резултати забележаа Берат Јакупи, кој по три победи во категорија – 84 килограми беше сопрен во четвртфиналето и немаше шанса да се бори во репасаж. Во женска конкуренција Наташа Стефановска оствари 2 победи и пораз, но и таа не доби репасаж. Екипно, машкиот тим во борби постигна 2 победи и пораз, а девојките екипно имаа по една победа и пораз.

На ЕП во Гвадалахара настапија рекордни 508 каратисти од 51 земја. За нашите каратисти и за КФМ е особено важно што продолжија со континуитетот на освојување медали на континенталните првенства. Следното 55 по ред европско првенство ќе се одржи во Баку, Азербејџан од 26 до 29 март 2020 година, што ќе биде последно големо натпреварување пред Олимписките игри во Токио.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.