Четвртиот антикризен пакет со 31 мерка изнесува 470 милиони евра

Севкупно усвоена е 31 мерка во вкупна вредност од 470 милиони евра во четвртиот пакет економски мерки со кои Владата ќе им помогне на граѓаните, вработените и на стопанството за да се надминат последиците од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, информираше во неделата премиерот Зоран Заев.

Заедно со претходните три пакета мерки, вкупната помош надминува милијарда евра насочени кон граѓаните, работниците и стопанството со цел да се одржи стабилна економијата и со потенцијал за ревитализација, посочи Заев.

Меѓу мерки за кои владата смета дека се позначајни, се продолжувањето на поддршката на компаниите за исплата на плати за последите три месеца оваа година, коишто сега ќе биде потаргетирани и ќе зависи од нивото на погоденоста на фирмите од епидемијата.

„Поддршката ќе биде скалеста и ќе изнесува од 14.500 до 21.776 денари по вработен“, рече Заев.

Појасни дека вкупната вредност на мерката изнесува 70 милиони евра и со неа ќе бидат поддржани околу 250.000 работни места. Оваа поддршка ќе се дава во октомври, ноември и декември, а обврска е компаниите да ги задржат вработените до крајот на јули наредната 2021 година.

„Втората мерка е платежна картичка со која треба да се зголеми потрошувачката во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5.726 самохрани родители 182.271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, самостојни уметници“, рече Заев и додаде дека ќе ја добијат и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи.

Оваа мерка е наменета за 280.000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра.

Меѓу мерките е и згоелмување на грејс-периодот на бескаматните кредити од ткн „Ковид 1 линијата“ во траење од три месеца, потоа поддршка со плата на туристичките водичи, поддршка за туризмот преку враќање на туристичката такса за 2019 година во износ од два милиона евра.

Поддршка е предвидена и за угостителските објекти за организирање свадби, игротеките, уметниците, компании, земјоделци….

Новиот пакет е продолжение на претходните три пакета, а целта е да се обезбеди одржливост на македонските економски дејности и работните места, рече премиерот.

Предвидени се бројни погодности за компаниите како одложување на отплата на кредити, но и нова кредитна линија од 100 милиони евра евтини кредити.

Заев за 10, 11 и 12 октомври го најави и викедот без данонокот на додадена вредност (ДДВ).

Секој граѓанин ќе може да пазари домашни производи и услуги во вредност од 30.000 денари за едно лице, притоа можност за поврат на ДДВ ќе може да се искористи и за компјутери и други ИТ производи.

Откако граѓаните ќе ги скенираат сметките во вредност од 30.000 денари во својата мобилна апликација “МОЈ ДДВ”, по неколку дена на нивните трансакциски сметки ќе им биде вратен 100 отсто од ДДВ. Пример доколку купите производи во вредност од 30.000 денари, би добиле максимален поврат на ДДВ од околу 4.500 денари доколку сите производи се даночат по стапка од 18 отсто.

„Со оваа мерка, се очекува според прогнозите во македонската економија да се инјектираат 170 милиони евра, а прогнозите одат до таму дека е можен вкупен промет и до 250 милиона евра за овие три дена“, соопшти Заев.

 Средствата за овој пакет, посочи премиерот, ќе бидат обезбедени делумно со кратења на расходите на Буџетот, кои не се најитни, а дел се кредити.