Чија вистина потврди Верушевски?

Сведочењето на поранешниот прв разузнавач и актуелен советник на премиерот за безбедност, Зоран Верушевски фрли нова светлина врз т.н. „бомби“ што ги објавуваше Зоран Заев како дел од неговиот проект „Вистината за Македонија“.

Верушевски вчера во судот тврдеше дека материјалите кои тој ги анализиран во СДСМ биле изменети и компромитирани.

Сведочењето на екс директорот на Управата за безбедност и разузнавање, за ВМРО ДПМНЕ е потврда сите нивни укажувања дека Заев е подготвен на се’ само за да дојде на власт. Според опозицијата, Верушевски потврдува дека објавените „бомби“ се манипулирани за да се даде погрешна слика за некои од настаните и за дел од функционерите на ВМРО ДПМНЕ и тогашната Влада.

“ВМРО-ДПМНЕ многу одамна наназад со години потенцираше, јавно изјавуваше, укажуваше дека Зоран Заев е подготвен буквално на се, буквално да манипулира, да лаже, да модифицира се со една цел тоа е да се дограби до власта. Кога ќе се дограби до власта, тоа е единствено само заради личен бенефит на семејството Заеви, односно само заради печалење пари и крадење.И тоа ние го зборуваме неколку години наназад дека беше подготвен на се, само за да дојде на власт. И еве неколку години подоцна работите излегуваат на виделина дека тоа е така, дека практично и скандалите  коишто  наназад неколку години излегуваа дека власта е вмешана во криминал семејството Заеви е вмешан во криминал се потврдува дека се што правел, правел единствено само за Зоран Заев да дојде на власт и да го прави сето тоа, тоа го потврди и нормално сведок на обвинителството коешто го води тој случај односно го потврди сведок на јавен обвинител којшто работеше во СЈО“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Според СДСМ, сведочењето на Верушевски не ја урива веродостојноста на „бомбите“, туку нивна потврда.

„Сите граѓани, и целокупната јавност имаа можност да ги слушнат обвинувањата, да ги слушнат гласовите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за пиштење, вриштење и тегнење за уши и тоа е факт. Автентичноста ја потврдија и луѓето коишто беа инволвирани во самите матријали, дополнително имајќи ја во предвид приватноста СДСМ не ги објави приватните разговори, но сите разговори беа предадени во СЈО“, вели пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов.

Верушевски сведочејќи во случајот „Таргет-Тврдина“ изјави дека до неговото апсење го знаел точниот обем на документацијата, но потоа немал контрола.

„Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода“, кажа Верушевски, на општо изненадување во судницата. Тоа практично значи дека материјалите кои ги предал Заев во СЈО се изменети и монтирани, што практично отвара прашања во однос на постапките и по другите предмети.

Во својот исказ Верушевски не можеше да ја потврди ниту веродостојноста на материјалите со кои располагал пред да биде приведен во случајот „Пуч“. Советникот на Заев се обиде да се оддалечи и проектот „Вистина за Македонија“ иако тој се смета за негов креатор.

Според Верушевски, со материјалите и нивната содржина бил запознаен уште Црвенковски. „Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев“, рече Верушевски.

На сведочењето на Верушевски реагираше и поранешниот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој на Фејсбук напиша:

„Денес одекна најсилната бомба !!! Власта ја рушеле со монтирани снимки !!! Полека, но сигурно вистината испловува… Кога се појавија “бомбите” во 2015 година објавивме дека не се автентични и целовити односно дека отпосле во нив се вршеле интервенции. Медиумите, новинарите, аналитичарите и хејтерите кои го подржуваа СДСМ се мајтапеа со фразата “сечени, лепени, прелепувани и монтирани”. Можеби од маркетиншки аспект тие изрази не беа најдобро избрани, но беа вистината, напиша пораешниот премиер на Македонија, сега азилант во Унгарија, Никола Груевски, на својот фејсбук профил.