Чифт патики Nike продаден за 437.500 долари

Редок чифт патики од познатиот спортски бренд „Nike“ е продаден минатиот викенд на наддавање на њујоршката филијала на аукциската куќа Sotheby’s за 437.500 долари.

Купецот е канадскиот инвеститор и колекционер Мајлс Нејдал (Miles Nadal) кој минатата седмица купи и 99 чифта ретки патики за вкупно 850.000 американски долари. Сите патики, новиот сопстврник сака да ги изложи во својот приватен музеј во Торонто.

Станува збор за моделот на „Nike“ познат како „Месечеви обувки“ (Nike Waffle Moon Shoes), а чифтот кој го купил на аукцијата Канаѓанецот, наводно е единствениот кој постои од овој модел, и покрај тоа никогаш не бил носен. Овој модел патики својот назив го должи на специфичната трага којашто ја остава на земја, а потсетува на отисокот кој во 1969 година го оставиле американските астронаути на Месечината.

Ноа Ванш, шеф на одделот на Sotheby’s за онлајн тргување, појасни дека високата цена е постигната, бидејќи се изработени само 12 чифта вакви патики на „Nike“. Дел им бил поделен на тркачите кои во 1972 година се натпреварувале на Олимписките игри. Додаде дека овие патики рачно ги изработил атлетскиот тренер и еден од основачите на „Nike“, Бил Боувермен, при што за изработката на ѓонот користел апарат за пресување вафли.

Оваа продажба го урна претходниот рекорд за патиките на „Converse“ од 190.373 долари кои беа платени во 2017 година, а ги носеше легендарниот кошаркар Мајкл Џордан во финалниот дуел од Олимписките игри во 1984 година. За „Месечевите обувки“, пак, аукциската куќа очекуваше цена од 160.000 долари.

Продавачите на уметнички дела и антиквитети не се воопшто изненадени од тоа што ретките модели патики денес чинат повеќе од просечна куќа. Според нив, сѐ што носи звучно дизајнерско име претставува некој вид наследство и секогаш ќе биде барано, и ќе има висока вредност. Велат дека без сомнение споменатиот модел на „Nike“ по десет или петнаесет години ќе вреди уште повеќе и веројатно повторно ќе биде понуден на некоја аукција.