Чинот со сквернавењето на македонското знаме не ги претставува вредностите што ги промовираме

Заменичката министер за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири во објава на социјалните мрежи со жалење реагираше на уништивањето на државното македонско знаме во вчерашниот ден кога се одбележуваше Денот на албанското знаме.

„ Со длабоко жалење и загриженост ја примив веста за оштетувањето на знамето на Република Северна Македонија. Знамето е највисок симбол на националниот идентитет и достоинство и како такво заслужува целосна почит од сите граѓани, без разлика на нивните убедувања или припадности.

Секој таков чин не ги претставува вредностите на соживот и меѓусебното почитување кои ние како општество ги промовираме“, се вели во објавата на Зеколи Шаќири.

Заменичката-министер притоа апелира надлежните органи да преземат итни мерки за расветлување на околностите на овој инцидент и заштита на нашите национални симболи.

„Воедно апелирам на смиреност и свесност на граѓаните, соработката и почитувањето се единствениот пат до подобра заедничка иднина“, заклучива Зеколи Шаќири.