Чистачите на чевли во САД се надеваат дека нивниот занает нема да исчезне

Чистењето чевли на јавни места има долга историја во САД – уште во 1860-тите, новинарот и писател Хорејшо Алџер го прослави американскиот сон за успех „од партали до богатство“ со својата книга „Парталавиот Дик“…

Патниците на големата железничка станица „Пен стејшн“ во Њујорк, имаа(т) обичај да седнат на столче за чистење чевли, да се одморат и да го разлистаат својот весник додека чистачите чучнати пред нив посветено, вешто и професионално им ги полираат обувките до совршенство. Таа традиција денес е речиси исчезната во САД. Корона-пандемијата, работата на далечина и популарноста на полежерните „спортски чевли“ коишто не се од кожа – се само дел од современите причини за тоа.

Службата за статистика во САД последен пат го наведе чистењето чевли како занает во 2007 година, кога биле избројани само 30 вакви места. И поширокиот пазар за услуги, на пр. за поправка на чевли, е намален за 23 отсто од 2013. до 2023 година, покажуваат податоците на статистичкиот институт „Нилсен“.

Нисан Кајмов сѐ уште има своја „тезга“ на „Пен стејшн“. Тој, како што рече, пред пандемијата полирал од 80 до 100 чифта чевли дневно, а сега, од вторник до четврток има 30 – 50 муштерии, а во понеделник и петок уште помалку. Тој смета дека масовната работа од дома е главната причина за тоа.

– Сè додека луѓето не се вратат на работа, проблемот нема да се реши. Муштериите се вработени луѓе кои секојдневно патуваат во Њујорк… На крајот сѐ тоа ќе се врати во нормала, се надевам, но никогаш не се знае!, рече Кајмов.

Луѓето, велат, доаѓаат пред сѐ заради посјајни чевли, но и за малку разговор и опуштање пред или по работниот ден. Овој занает се прослави ширум светот преку филмовите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.