„Чисто и безбедно“ ќе добиваат и малите сместувачки објекти

Сите сопственици што издаваат сместувачки објекти од мал обем (куќа, вила, викендица, стан, апартман или соба/и) и ги спроведуваат целосно и правилно важечките препораки и протоколи за работа на угостителски објекти, користат средства за хигиена и дезинфекција од официјални и регистрирани производители и добавувачи можат да аплицираат за добивање на сертификат и печат ЧИСТО И БЕЗБЕДНО со што ќе можат да го потврдат и верификуваат на локално и глобално ниво својот сместувачки објект од мал обем за чист и безбеден што нуди сигурен престој и одмор за домашни и странски гости. Со овој сертификат се укажува дека сопственикот на објектот претставува сериозна и одговорна личност која се обврзува свесно да ги почитува и применува во целост сите здравствени протоколи за заштита и превенција на здравјето на вработените и гостите во услови на пандемија Ковид-19.

-Локалните самоуправи имаат евидентирано неколку илјади категоризирани и некатегоризирани сместувачки објекти од мал обем (куќи, вили, викендици, станови, апартмани и соби кои се издаваат) со вкупен капацитет поголем од 20.000 легла. Најголема концентрација на овие сместувачки капацитети се наоѓаат во познатите македонски туристички места. Голем дел од нив се издаваат преку познатите светски платформи како што се booking.com или airbnb.com, а дел од нив и преку македонските веб интернет платформи или мали огласи.

За да им овозможиме на домашните и странските гости правилен и сигурен избор на места каде ќе можат да се чуствуваат чисто и безбедно за време на својот престој или одмор доколку користат сместувачки објекти од мал обем – приватно сместувања во куќи, вили, викендици, станови, апартмани и соби ја проширивме нашата кампања и верификација со сертификатот и печатот “ЧИСТО И БЕЗБЕДНО” со можност на сертифицирање и на овие сместувачки објекти од мал обем, велат од Независната угостиелска комора.