Членките на Г7 договорија борба против тероризмот, климатските промени уште проблематични

© AP Photo / Evan Vucci

Челниците на седумте најразвиени земји во светот од групата Г7 кои се собраа во петокот во сицилијанскиот град Таормина договорија нови акции во борбата против тероризмот, но не успеаја да се согласат околу прашањата за климатските промени, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп и натаму не сака да го поддржи Парискиот договор за климатските промени, оценуваат агенциите.

Челниците на САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Канада и Јапонија го потпишаа договорот за борбата против тероризмот и екстремизмот, повикувајќи ги интернет провајдерите и социјалните мрежи да ги зајакнат напорите за да ги отстранат екстремистичките содржини, четири дена откако исламистите ја преземаа одговорноста за терористичкиот напад во Манчестер.

„Ќе се бориме против злоупотребите на интернет со коишто се користат терористите. Освен што претставува најважното технолошко достигнување последните децении, интернетот се покажа и како моќно средство а терористички цели“, се наведува во заедничката изјава на челниците од земјите на групата Г7 на самитот на Сицилија.

Земјите од Г7 „ги повикуваат давателите на комуникациските услуги и социјалните мрежи темелно да ги засилат своите напори во отстранувањето на терористичките содржини“, се додава во изјавата во којашто се изразува и солидарност со Велика Британија по неодамнешниот терористички напад во кој беа убиени 22 лица.

Разликите околу климатските промени, сепак, челниците на Г7 не успеаја да ги надминат, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп останал на своите позиции и сé уште не сака да го поддржи Парискиот климатски договор од крајот на 2015 година, кој беше донесен, меѓу другите, и по иницијативата на неговиот претходник на должноста Барак Обама.

Трамп ги одбил настојувањата на другите челници на самитот на Сицилија да го одоброволат да го поддржи споменатиот климатски договор, изјави за новинарите италијанскиот премиер Паоло Џентилони.

„Има едно отворено прашање, а тоа е ставот на САД во однос на Парискиот договор за климата… Сите други го потврдија своите целосно прифаќање на договорот. Сигурни сме дека Соединетите држави, по внатрешното разгледување, исто така, ќе сакаат да го прифатат“, додал италијанскиот премиер.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјавила дека групата Г7 имала „противречна“ дебата за климатските промени и дека сите на состанокот го уверувале Трамп да го поддржи Парискиот договор кој предвидува намалување на емисијата на гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина, а САД се меѓу најголемите произведувачи на ваквите материи на светско ниво.

Џентилони рекол дека е постигнат напредок околу надворешната трговија, но дека уште се работи на завршната изјава. „Околу големата тема на глобалната трговија, сé уште работиме на завршната изјава, но се чини дека денешните директни разговори ги истакнаа заедничките ставови на коишто можеме да работиме“, додал.

Американскиот претседател Доналд Трамп и британската премиерка Тереза Меј ги потврдиле плановите за јакнење на меѓусебната трговија, вклучително и планот за трговскиот договор по британското напуштање на Европската унија. „Претседателот и премиерката потврдија дека се доследни на зголемувањето на трговијата меѓу Велика Британија и САД, вклучително и трговскиот договор по Брегзитот“, изјавил портпаролот на Меј.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.