Членови на СОНК во повеќе градови против одлуката за штрајк

Членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) од Штип,  Радовиш, Кавадарци, Свети Николе и Гевгелија се против одлуката на раководството за штрајк во училиштата од вторник, пишува МИА.

Тие го делат ставот на нивните колеги од Скопје кои вчера побараа најпрво да се одржат изборите на СОНК во октомври, а потоа новите раководни тела на синдикатот да донесат евентуална одлука за штрајк.

Околу 20 професори и наставници од штипските основни и средни училишта денеска на прес-конференција најавија дека на 20 јануари нема да штрајкуваат како што најави нивниот гранков синдикат.

Нивниот претставник Милкица Миленковиќ-Стојанова рече дека се приклучуваат на барањата СОНК да ја повлече одлуката за организирање генерален штрајк.

– Го делиме ставот дека идејата за бојкот произлегува од личните интереси на потесното раководство на синдикатот предводено од претседателот Јаким Неделков, кој оваа година очекува да биде реизбран и да ја задржи позицијата од која во изминатите неколку месеци свесно манипулира со нас наставниците и си поигрува со учениците и нивните родителите, често најавувајќи штрајкови. Доколку не е така, Неделков може да докаже многу едноставно – да се откаже од намерата за бојкот и да почека до завршувањето на изборот на претседател на СОНК, а потоа новоформираните тела, па макар и тој бил повторно избран на чело, нека одлучат за сите понатамошни мерки и активности за заштита и унапредување на нашите права, изјави Миленковиќ-Стојанова.

Членови на СОНК од Кавадарци, исто така, најавија дека на 20 јануари ќе бидат на своите работни места во училниците и дека човечката, моралната и професионалната етика ги обврзува да  работат во интерес на најмладите.

– Во речиси сите основни и средни училишта во Кавадарци и во градинките наставниците се против одлуката на Советот на СОНК за организирање генерален штрајк бидејќи сметаат дека нивните барања треба да се остваруваат преку дијалог помеѓу СОНК и Владата. Свесни сме дека со повикување на учениците да не одат на настава, грубо се кршат Уставот и законите, рече на прес-конференција Ратка Кулева во име на сите наставници вклучени во синдикалната организација во Кавадарци.

Наставници и професори од Радовиш денеска објавија дека сите основни и средни училишта и градинки во нивнатата  општина ќе работат во вторник.

–  Радовишките училишта ќе работат на 20 јануари. Наставниците ќе бидат на своите работни места максимално посветени на  реализација на наставните програми. Го поддржуваме ставот на нашите колеги кои вчера во Скопје истакнаа дека бараат одложување на одлуката за штрајк, се додека не се реализира изборот на новото раководство на СОНК, изјави  Иванка Спасова, наставник од Радовиш.

Наставници и професори од Свети Николе, исто така,  порачаа дека 20 јануари ќе биде работен ден во сите училишта во нивната општина. Бараат да се  повлече одлуката за штрајк бидејќи, како што велат, актуелното раководство ја донело заради лични интереси и самопромоција.

– Апелираме до претседателот Јаким Неделков и до сите околу него доколку не се чувствува доволно подготвен, амбициозен или пак истоштен за водење на оваа најголема синдикална организација, достојно, но и човечки е да се произнесат пред целото членство и да се откажат од раководењето пред истекот на мандатот, изјави Ангел Давчевски, наставник од Свети Николе.

И наставници од Гевгелија кои членуваат во СОНК, исто така, нема да се приклучат на најавениот штрајк и во вторник  ќе продолжат со предавањата во второто полугодие на учебната 2014/2015 година.

– Наставниците од нашето училиште членови на СОНК на денешниот состанок по пат на тајно гласање се изјаснија дека не го поддржуваат штрајкот на СОНК и дека во вторник сите редовно ќе бидат на своите работни места и ќе го продолжат наставниот процес во второто полугодие, изјави Магдалена Каркалашева, директор на ОУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија.

Гевгелискиот градоначалник Иван Франгов изјави дека во сите училишта наставата непречено ќе продолжи, а доколку се случи некои наставници да се вклучат во штрајкот, ќе бидат заменети за да нема прекин во наставниот процес.

фото:emagazin.mk

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.