Чулев демантира: Никој не се јавувал кај верски старешини, работиме само на интензивирање на соработката

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев ги демантира реакциите кои произлегоа од Исламската верска заедница дека полициски службеници се јавувале кај верски старешини за да вршат притисок со своето влијание за време на празнувањето на Рамазан Бајрам.

„Јас како Министер за внатрешни работи нема да дозволам полициските службеници да вршат притисок и да влијаат на работата на верските објекти и заедници. Наша обврска е да го заштитиме здравјето на граѓаните и во таа полициските службеници преземаат соодветни превентивни мерки и активности.

Министерството за внатрешни работи, категорично ги отфрла како паушални и неточни изесени тврдења во денешната реакција на Исламската верска заедница околу наводен полициски притисок врз претставниците на оваа верска заедница, а по повод чествувањето на престојниот верски празник Фитр Бајрам“, објави Чулев.

Тој додава дека полицијата нема таква надлежност, туку дека своето работење го темели на пропишаните законски норми и Уставот, но и дека се интензивира соработката со верските заедници со цел засилено превентивно делување особено во пресрет на претстојните државни и верски празници.

„Полициските службеници секојдневно работат и во делот на превенција информирање и едукација, а во насока на заедничко надминување на опасностите од пандемијата и зачувување на здравјето на граѓаните.

Потенцирам дека Министерството за внатрешни работи ќе остане доследно во исполнувањето на сите свои законски обврски и задачи чијашто единствена цел, преку бескомпромисно спроведување на законите е заштитата, личната сигурност и безбедност на сите наши граѓани, токму онака како што меѓу другото, налага и Уставот на нашата земја“, додава Чулев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.