Чулев: Индиции за злоупотреба на службена положба од 2,5 милиони евра на Спасовски

Министерството за внатрешни работи има индиции за злоупотреба на службена положба во постапки поврзани со јавна набавка на три илјади чифта полициски чизми од фирмата „Пинко Кирил“ ДООЕЛ, во вредност од 15 милиони денари, за кои две акредитирани лаборатории констатирале дека не ги задоволуваат барањата од техничката спецификација на МВР, рече во вторникот на прес-конфереција техничкиот министер Наќе Чулев.

Целата постапка за јавната набавка на чизми за полициските службеници, како што информираше Чулев, е направена во времето на поранешниот министер за внатрешни работи а сега технички премеир Оливер Спасовки. Огласот од страна на МВР е објавен почетокот на 2016 година, кога пристигнале три понуди, од кои е избрана „Пинко Кирил“ и во договорот е утврден рок за испорака на чизмите од 60 дена, а е наведено дека доколку не се испорачаат во договорениот рок, договорот се раскинува и се активира банкарската гаранција.

„Рокот за испорака не е испочитуван, ниту договорот не е раскинат, а не е активирана банкарската гаранција, туку постапката за испорака на чизмите продолжила во понатамошна фаза“, рече министерот Чулев.

Појасни дека по барање на стручните служби во МВР да се направи контрола на квалитетот на чизмите, две акредитирани лаборатории, од кои едната е странска, констатираат дека има отстапувања по четири критериуми, односно параметри.

Чулев потенцираше дека МВР имало обврска да го раскине договорот, да наплати банкарска гаранција и да спроведе нова постапка за јавна набавка за полициски чизми, но тоа не било направено, а дополнително за компанијата не била ставена ниту негативна референца.

Во меѓувреме, појасни министерот Чулев, тогашниот помошник министер му доставил информација на Спасовски за целата постапка во која биле наведени пропустите, по што претходниот министер за внатрешни работи, сепак, дал насока договорот да не биде раскинат и чизмите да бидат испорачани.

Чулев го повика Основното јавно обвинителство  веднаш да постапи по поднесокот доставен од страна на Министерството за внатрешни работи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.