Чулев: МВР не може да влезе на семејни слави без налог од Обвинителството

Кога се работи за семејни слави во домашни објекти, МВР не може да биде информирано и да влезе без налог од Основното јавно обвинителство, истакна денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

-ОЈО во одредени случаи ни дава такви налози, а во други не ни ги издава, појасни Чулев, одговарајќи на прашањето што МВР превзема бидејќи корона вирусот се шири на семејни прослави.

Тој им порача на граѓаните да се однесуваат совесно.

-Во ситуација кога не може да се дејствува веднаш вршиме препознавање на лицата и потоа се повикуваат во полициска станица и им се поднесува соодветен поднесок до Јавното обвинителство. Неопходно е граѓаните сами да бидат свесни и да носат заштита опрема зашто со доаѓањето на изборите претпоставувам дека сите тие мерки уште повеќе ќе бидат олабавени, најверојатно ќе се отворат границите од следната недела и граѓаните сами треба да бидат свесни за ризикот од заразата, рече Чулев.