Чулев предлага забраната за движење наместо од 16, да почнува од 19 часот

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, предложува намалување на ограничувањето на движењето се однесува на сите граѓани, како и за младите лица и за лицата над 67 години. Односно досегашното ограничување на движењето во работните денови наместо од 16 часот да започнува од 19 часот.

Во продолжение негов интегрален статус на Фејсбук:

Имајќи ги предвид статистичките податоци кои се однесуваат на лицата кај кои е утврдено присуство на корона вирусот кои имаат надолна тенденција и фактот дека зад нас е ограничување на движење кое траеше цели 85 часа и кое покрај превентивна здравствена улога, имаше негативно влијание на психосоцијалната состојба кај граѓаните ја информирам јавноста дека утрово на седницата на кризниот штаб во рамките на владата предложив итно и неодложно намалување на времетраењето на ограничувањето на движењето за граѓаните.

Моето барање за намалување на ограничувањето на движењето се однесува на сите граѓани, како и за младите лица и за лицата над 67 години. Во таа насока денес предложив досегашното ограничување на движењето во работните денови наместо од 16 часот да започнува од 19 часот, како и да се размисли за соодветно олеснување кое ќе се применува за време на викендите.

Дополнително, ќе побарам и преиспитување на одлуките поврзани со ограничување на движењето во планините, парковите и шумите, а притоа водејќи сметка да се внимава на мерките и препораките кои се однесуваат на групирање на јавни површини.

Очекувам владата овие барања да ги прифати на првата седница.

Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден ќе излезе со официјални информации за сите настани кои ја разбрануваа јавноста во текот на викендот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.