Чулев: Секојдневно се соочуваме со опструкции од БЈБ, кое е надлежно за постапувањето на полицајците на терен

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, истакнува дека во изминатите неколку денови полициските службеници и МВР биле вклучени во преземање мерки со цел утврдување дали ќе се почитуваат полицискиот час, личната заштита – маските, обезбедувањето на државните карантини и контрола во угоститилските објекти, но дека посветеност од страна на полициските службеници наместо да биде валоризирана, многу често е злоупотребена од страна во политички цели од страна на власта.

Чулев апелира до јавноста и до сите политички структури во државата да се воздражат од неосновани напади кои и нанесуваат штета на полицијата.

„Свесен сум за револтот на граѓаните за ограничување на движењето, но целта е заштита на здравјето на граѓаните, а одлуките се носат на предлог од Комисијата за заразни болести, а МВР имаат задача и обврска да го контролираат нивното спроведување“, вели Чулев.

Во однос на обвинувањата од страна на власта до него, како што рече, работите се јасни од првиот ден како министер за внатрешни работи.

„Мојот став е дека МВР треба да функционира професионално, неселективно и законито. Во суштина во изминатиот период тоа се покажа во пракса, во најголем дел успешно ги спроведовме одлуките на Владата, а со тоа го заштитивме и здравјето на граѓаните. Грешки и пропусти сигурно има и тие се дел од работењето, но лошо е кога грешките се случуваат поради опструкција, несоработка и постапување по партиски директиви“, вели Чулев.

Министерот информира дека во секојдневното работење се соочува со опструкции од структури во МВР коишто работа под диретиви надвор од неговата надлежност.

„Тешко е една моја замисла, идеја или директива да се спроведе во пракса, без да наидам на многу опструкции, од МВР внатре, но и од страна на Владата. Начинот на организација и на постапувањето на полициските службеници е исклучителна обврска на директорот на БЈБ кој раководи со Оперативниот штаб формиран за оваа намена. Јас како министер имам обврска да ја гарантирам законитоста и неселктивноста на постапувањето на полициските службеници, меѓутоа немам ингеренции да ја организирам нивната работа и да давам конкретни задачи за нивно постапување“, појасни Чулев.

Тој потенцира дека во телеграмата упатена до полициските службеници од страна на директорот на БЈБ, јасно се нагласува дека полициските службеници постапуваат само по добиени насоки и задачи од негова страна.

„За мене како министер за внатрешни работи најважно е да ја добиеме битката со корона вирусот и така ќе биде и во иднина. Апелирам до јавноста да не подлегнува на провокациите кои владечката партија ги пушта во јавноста. Тие се само обид за политичка дискриминација и факт кој покажува дека тие се грижат само за сопствениот рејтинг, но не и за здравјето на граѓаните – истакна министерот за внатрешни работи“, Наќе Чулев