Чулев во ОЈО го пријави кршењето на законите за следење на комуникациите

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, ја извести во петокот јавноста дека по вчерашното обелоденување на низа неправилности во законите за следење на комуникации поднел соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство

За Чулев, но и за поширката јавност, интригантен е фактот дека АНБ сѐ уште го држи монополот во системот на следење на комуникации и дали тоа сценарио е креирано и спроведувано од одредени политички структури. Имено, како што појасни Чулев, Агенцијата за национална безбедност (АНБ) сѐ уште е дел од системот за следење на комуникации на начин спротивен на Законот, односно сѐ уште има можност за пристап до сите телефонски разговори кои се предмет на оперативна обработка од страна на Министерството за внатрешни работи.

‼️ Во насока на целосно информирање и запознавање на граѓаните ја информирам јавноста дека денес до Основното јавно обвинителство доставив соодветен поднесок кој се однесува на случајот кој го обелоденивме во текот на вчерашниот ден каде е утврдено кршење на законите, каде што поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (денес Агенција за национална безбедност) сѐ уште ја има задржано посредничката улога во системот за следење на комуникации, односно сѐ уште не е целосно елиминирана техничката можност од евентуален увид во кривичните истраги кои се спроведуваат од страна на Министерството за внатрешни работи.

Со поднесокот барам од страна на Јавното обвинителство да преземе активности во насока на спроведување на соодветна истрага со цел утврдување на фактичката состојба за постоење на одговорност на раководните лица во надлежните институции.

➡️ Во однос на вчерашните соопштенија од страна на Агенцијата за национална безбедност јавноста треба да знае дека изнесените факти и аргументи воопшто не коресподентираат со мојата тематска прес конференција. Ниту еден елемент од соопштението не се однесува на негирање на изнесените факти од моја страна со кои што аргументирано укажав на кршење на законот за ОТА и Законот за следење на комуникации.

Впрочем и прикажаниот слајд на вчерашната прес конференција јасно и недвосмислено ја опишува состојбата во процесот на следење на комуникации.

➡️ Во изјавата на поранешниот министер за внатрешни работи и самиот тој истакнува дека „како што е пропишано во законот, така и треба да се одвиваат сите постапки и сите изјави“ што впрочем значи дека во конкретниот случај истиот Оливер Спасовски во време на неговото раководење со Министерството за внатрешни работи, согласно со законот за ОТА и Законот за следење на комуникации требало да ја отстрани секоја техничка можност за посредничка улога на Агенцијата за национална безбедност, односно да воспостави директна техничка поврзаност на министерството со ОТА.

🗣️ Имајќи го предвид горенаведеното уште еднаш го повикувам јавното обвинителство да ги земе во предвид материјалните докази со кои располага министерството за внатрешни работи и да ја расчисти дилемата дали имало кршење на законите од страна на одговорните лица во релевантните институции“, пишува во објавата на Чулев.