Чурлинов најавува нова сензација против Германија!

Триумфот на Македонија на гости кај Германија на стартот од квалификациите за СП 2022 одекна силно во целиот свет и ја најави фудбалската еуфорија што кулминираше со нашиот настап на ЕУРО 2020, а според зборовите на репрезентативецот Дарко Чурлинов, сличен епилог би можел да се случи и во реваншот во Скопје.

Германците ни гостуваат на 11 октомври, во исклучително важен меч во борбата за едно од првите две места кои би можеле да обезбедат мудијалска виза, поради што најмладиот во националниот тим верува во нова сензација.

„Дебито за Македонија и настапот на ЕУРО 2020 многу ми значат, бидејќи си го исполнив детскиот сон. Благодарение на интернационалните мечеви, бев во можност да игра против најдобрите играчи во Европа на највисоко ниво на млада возраст. Сега пред нас е дуел против Германија, кој нема да биде лесен, но го имаме домашниот терен во Скопје и тоа е нашиот плус. За да ја совладате Германија треба да имате добар ден, тогаш ние го имавме, па зошто да не успееме и по вторпат да триумфираме против Германците. Едвај го чекам натпреварот“, изјави Чурлинов.

До крајот на квалификациите за СП 2022 на Македонија и остануваат уште четири кола, кои ќе се одиграат во октомври и ноември. Прво му гостуваме на Лихтенштајн (8 октомври), потоа ќе ја пречекаме Германија на празникот 11 октомври, а еден месец подоцна следува гостувањето против Ерменија и последниот дуел, дома против Исланд.