Чувар на руската „нуклеарна актовка“ пронајден со прострелна рана, се обидел да се самоубие?

Вадим Зимин, пензионираниот полковник на руската Федерална служба за безбедност, кој неодамна беше обвинет за примање мито, вчера бил пронајден со прострелна рана во неговиот стан во Красногорск кај Москва. Според првичните резултати од официјалната истрага објавени од руски медиуми, Зимин се обидел да се самоубие.

Тој бил најден од својот брат, кој наводно бил во станот за време на пукањето. Брат му повикал брза помош, а Зимин преживеал и во тешка состојба бил префрлен на интензивна нега.
Во декември 2021 година, Зимин беше уапсен под сомнение дека земал мито од претприемачи во износ од 10 проценти од секоја зделка склучена со државен договор. Тој е разрешен од должноста во Централната царинска управа и во текот на истрагата му е одреден домашен притвор.

Зимин беше задолжен за чување на актовката со руски нуклеарни контроли додека на власт беше поранешниот руски претседател Борис Елцин. Тој потоа продолжил да работи во службата за безбедност, а во времето на Владимир Путин бил унапреден во улога на полковник.

Во јавноста има само една фотографија од Вадим Зимин.

Во Русија има три актовки кои содржат предаватели кои предизвикуваат нуклеарен напад, доколку се активираат во исто време. Едната актовка е до претседателот на Русија, а другите две се со други двајца највисоки функционери.