Цигари, пумпи за вода, часовници, авто делови, облека… Богат плен на Царината за празниците

Во текот на минатата недела и Божикните празници, царинските службеници спречија два обиди за криумчарење цигари, повеќе обиди за криумчарење на стока, при што привремено се задржани пумпи за вода, диодни светла, рачни часовници, лекови, калапи за накит, авто делови, облека и друго.

Во првиот случај, царинските службеници во соработка со полициските службеници од граничниот премин, спречија обид за криумчарење на 31 штеки и 6 кутии цигари со македонски акцизни маркички. Цигарите се откриени при преглед на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, пријавено за излез од државата. Возилото било управувано од бугарски државјанин, во придружба на две сопатнички, исто така бугарски државјанки. Поради невообичаената релација на движење и сомнителното однесување на патниците,  извршена е детална контрола на возилото и личен претрес на патниците. Притоа под облеката на патниците откриени се вкупно 316 кутии цигари.

Во вториот случај, при контрола на патните торби на британски државјанин, кој се пријавил за излез од државата со намера да отпатува за Лондон, пронајдени се непријавени 23 штеки цигари со македонски акцизни маркички.

Царинските службенции запленија и три пумпи за црпење вода откриени се при контрола на празно товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените пумпи биле сокриени во просторот за палети на возилото.

Во заплената се и 3.400 парчиња диодни светла, 12 парчиња калапи за накит, 423 парчиња рачни часовници, 580 парчиња ремчиња за рачни часовници, 55 парчиња разни лекови, 1 професионална билјард маса во делови, 216 парчиња и 65 сета разни авто делови, привремено се задржани при контрола на патничко моторно возило-комбе со косовски регистарски ознаки. Во возилото кое сообраќало на линија Истанбул-Приштина,  управувано од лицето Б.Ш. косовски државјанин, пронајдена е  поголема количина на разна непријавена стока. Стоката била сопственост на возачот и тројца сопатници во возилото (двајца косовски и еден српски државјанин). Поради основано сомневање за менување на регистарските таблички, привремено е задржано и возилото во кое е понјадена стоката.

Стока за која постои сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост

Царината заплени и стока за која постои сомнецање за повреда на права од интелектуална сопственост, односно100 парчиња блузи и 180 парчиња хартиени налепници за текстил со лого на заштитени трговски марки чија вкупна вредност доколку се работи за оригинал производи би изнесувала 300 илјади денари. Стоката е пронајдена кај патник (македонски државјанин) при извршена контрола на патничко моторно возило комбе со македонски регистарски ознаки пријавено за влез во Македонија, кое сообраќало на релација Истанбул-Скопје.

Непријавената стока е привремено задржана, а против пријавените поднесени се соодветни прекршочни постапки. За стоката која е привремено задржана поради основано сомневање дека претставува фалсификат на заштитени трговски марки започнати се постапки за утврдување на оригиналноста.