Ципрас и македонските политичари

Минатата колумна ја завршив со реченицата дека денес премиерот на Грција Алексис Ципрас ни’ одржува предавање на тема достоинство. По референдумот во неделата можам да додадам дека такво предавање ни’ одржа и грчкиот народ.

Економската состојба во Грција е неспоредлива со таа во Македонија. Моментално таа држава должи 323 милијарди евра (во 2011 и беше отпишан долг од 100 милијарди евра), а Македонија е задолжена со 6,2 милијарди евра. При тоа најголемите кредитори на Грција се Германија, Франција и Италија, а се знае дека првите две управуваат со ЕУ.

Независно од тоа, Владата на Ципрас и народот не потклекнаа на бруталните притисоци и уцени на Германија и нејзините сателители во ЕУ. Грците добро знаат (во споредба со некои македонски „политичари“, „аналитичари“, „новинари“), дека непостои механизам Грција да биде истерана, ниту од еврозоната, а уште помалку од ЕУ, ако не ги врати парите. Пред Ципрас сите опции се отворени. Може да побара отпишување не на 50 или 30 отсто од долгот каков предлог имаше досега, туку на пример 80 отсто. И при отказ, да не врати ниту евро. Што ќе направат кредиторите? Ќе ја окупираат Грција? – Нема шанси. Ќе ја блокираат економски? Во светот непостои само ЕУ. Москва веќе вети поткрепа за Грција. Кина ќе го направи истото. Ципрас може да игра со Русија и против НАТО. Од тоа се плаши САД. Наместо американски бази во Грција може да дојдат руски. Ако земеме под внимание дека односите меѓу Русија и Турција се добри, во еден момент јужниот фронт на НАТО ќе го снема. Затоа и по референдумот во кој 61,31 отсто од Грците кажаа „НЕ“ на бирократите од ЕУ, истите тие бирократи и оценувачи изјавија желба да ги продолжат преговорите со Грција.

Жална им мајка, ако на Ципрас му текне да направи како Германија во 1942 година, кога со познатата операција „Берндхард“ беа отпечетени 134 милиони англиски лири, плус доволна количина американски долари и тоа ја девалвира лирата. Таков акт на печатење на евра ќе стави крај на еврозоната.

Сите тие кои викаат дека Ципрас бил „незрел левичар“, „популист“ итн. не забележаа една негова реченица пред референдумот. Дека овој референдум може да ја има улогата на атентатот во Сараево 1914 година. Се знае дека со тој атентат почна Првата светска војна. Во почетокот Србија беше поразена, но по крајот на војната ги реализира сите свои амбиции. Така што можеме да заклучиме дека моментно Грција е на економското дно, но има народ, политичари и премиер кој е спремен да игра светска улога. Народот го поткрепи Ципрас, но по референдумот поткрепа му дадоа и 3 опозициски партии, а главниот опонент на Ципрас претседателот на Неа Демократија Самарас поднесе оставка.

Во споредба со Грција ние сме малку економски задолжени, но премногу сме ментално задолжени, психички и политички деформирани. Многупати сум кажал дека нашите политичари се до болка здодевни. Уште пред да прозборат знаеш што ќе ти кажат, дури и речениците им се исти. Како папагали. Политичарот мора да биде едноставен кога ветува нешто и потоа го реализира. Но, во меѓународните односи мора секогаш да ги изненадува непријателите и душегрижниците. Политиката е шаховска игра и треба секогаш да бидеш понапред во мислењето и концептот пред опонентот. Македонските политичари се како во безизлезен ќор-сокак, затоа што се лутат меѓу стереотипи. ЕУ и НАТО – тоа им е агендата. Нема план Б, да не збориме за планови, В, Г, Д итн. Ете и затоа и политиката и економијата ни е хаотична, без стратегија, без алтернативи.

Паметните луѓе знаат дека заштедените пари не треба да се држат во една валута. Добро е еден дел од нив да бидат во злато, друг дел во долари, добро е и во кинески јуани, а нешто и во вредносни акции. Така во време на светска криза нема да дојде до банкрот. Истото е и со економијата. Уште во почетокот на деведесеттите години ние како слепи коњи ја прифатифме едноставно ЕУ-агендата. Сега 80 отсто од стоковата размена и странските инвестиции се со земјите од ЕУ. Тоа е невидена глупост за држава која не е член на ЕУ, а и нема шанси да стане. Глупо е Грција која е меѓу главните негатори на нашиот идентитет да има толку многу инвестиции во Македонија. Тие факти го покажуваат политичкиот идиотизам, по што се знае дека економијата е поврзана со политиката. Така што надвор од политичките петтоколонаши, ние имаме и економски кои водени од приватниот интерес ја продаваат и Македонија.

Во споредба со Грција воопшто не ги користиме своите шанси – ниту економски ниту политички. Некои ќе кажат: но таа е членка на ЕУ и НАТО и има добра местоположба. Кога не сме членка на ЕУ и НАТО ние пак, имаме голема вредност за сите земји кои се против овие организации. Македонија исто има одлична геостратешка положба. За тоа и во минатото се тврдело дека кој ја владее ќе го владее целиот Балкан. Само што ние во споредба со Бугарија, Романија, Грција не ги користиме нашите гео-политички вредности. Не ја користиме и економската состојба во ЕУ. Русија забрани влез на производи од таа организација и тоа дава можност да пратиме неграничена количина на стока на рускиот пазар. Но, ние тоа не го правиме. Со Турција имаме можност да ја надминеме договорената милијарда долари на размена годишно, но како велеше поранешниот турски амбасадор има законски сопки. Македонското Собрание секојдневно гласа закони, но не гласа тоа што е потребно за економијата. Турција и Грција потпишаа за „Турски тек“. Ние имаме голем економски интерес гасоводот да поминува низ Македонија. Но, наместо да скокнеме и потпишеме (дури и да земеме аванс како Грција од Русија) пак бараме дозвола од Брисел. И додека чекаме Москва и Брисел да се договорат, може Бугарија и Романија да влетаат во игра и гасоводот да поминува низ нивната територија. Потоа пак ќе се жалиме дека сме жртва.

Моментно сме жртви на ЕУ и САД, на македонските соседи, на внатрешните соросоиди, на Заев и „компанија“, на албанскиот сепаратизам итн. А, што правиме да не бидеме жртви? Кој ќе ни ги расчисти проблемите ако не ние сами? Со компромиси не се оди напред, не се создава и брани македонска држава. Дваесеттиот век го покажа тоа. Денешното време го потврдува. Додека Груевски и Заев калкулираат, ДУИ и ДПА ги усогласија своите претензии за официјална федерализација на Македонија со одвоен државен буџет, поделба на државните институции, албанскиот како официјален јазик итн. И чекаат на 13 јули Нуланд да им го реализира тој план. Македонското име (идентитет) повторно е на удар. Груевски калкулира, наместо да го исечече јазолот како во минатото, Александар или како денес што го прави Ципрас. Но кажано е – секој народ си ги заслужува политичарите.

За крај уште една споредба. Ципрас дојде на власт со 36 отсто поддршка. На референдумот доби 61 отсто поддршка. Повеќе од 70 отсто од сите македонски дрѓавјани се против менување на македонското име, а ВМРО-ДПМНЕ не добива на избори повеќе од 30 отсто. Затоа што Македонците прават разлика меѓу ветување и остварување, меѓу калкулирање и вистинска борба.