По повлекувањето на Панос Каменос од коалициската влада, грчкиот премиер Алексис Циприс набргу ќе побара доверба од Парламентот, ова го соопшти Ципрас по завршувањето на средбата со лидерот на Независни Грци, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изјава по средбата, Ципрас рече дека Каменос поднел оставка од позицијата министер за одбрана, а тој ја прифатил. Додаде дека ќе ја прифати и секоја друга оставка од редовите на Независни Грци.
Нов министер за одбрана ќе биде началникот на Генералштабот, Евангелос Апостолакис.
Лидерот на партијата Независни Грци, Панос Каменос, воедно и министер за одбрана во грчката влада, летоска најави дека партијата ќе се повлече од владината коалиција ако договорот од Преспа треба се најде на гласање пред пратениците во грчкиот парламент. Каменос, во изјава за грчката телевизија „Антена“, предупреди дека ќе ги повлече сите министри, како и довербата за состав на владината коалиција.
Јас веќе подолго време јавно се обврзав за една работа и ова не е сменето, ниту ќе се смени. Ние нема да учествуваме во влада што ќе го донесе во парламентот овој Договор, што значи дека ќе ја повлечеме довербата за владата, рече Каменос во септември.
Тој неколкупати говореше за Договорот од Преспа, за кој рече дека е мртов.
-Договорот од Преспа е мртов. Мртов е бидејќи самиот господин Заев и покрај сите напори од грчка страна да се најде решение, со неговите континуирани изјави, го негира самиот договор. Освен ако нема направен друг договор, под маса, со Коѕијас. Тоа треба да го каже јавно. Но, ние не знаеме таков договор, рече коалицискио партнер во грчката Влада, говорејќи од парламентот.
Каменос во неколку наврати ја повтори позицијата дека „Независни Грци“ нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа и партијата ќе ја напушти владата.
-Ако владата на Скопје продолжи со политиката што ја следи денес, односно да говори за политика што вклучува македонска националност или македонски јазик или уште повеќе, ако говори за македонско малцинство во земјата, овој договор не може никогаш да дојде, од ниту една влада за гласање во грчкиот Парламент. Но, доколку, од било која причина дојде во грчкиот Парламент, јасно изјавуваме дека Независни Грци си заминуваме од владата и од владиното мнозинство, рече Каменос.
Според најавите, Договорот од Преспа пред грчките пратеници треба да се најде наредните десетина дена.