Ципрас порача на референдумот да се гласа со „НЕ“

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е подготвен за постигнување на договор, доколку меѓународните кредитори ги прифатат барањата на грчката влада. Во писмо упатено до Тројката, Грција побара неколку промени во рамките на условите што се бараат од нив.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, грчката Влада вчера уште еднаш ги повика граѓаните на  референдумот в недела да гласаат со „НЕ“, доколку станува збор за неповолен договор.

Според последната анкета спроведена од грчките медиуми, се чини дека на референдумот ќе доминира одговорот „НЕ“ за мерките за штедење, иако ваквото расположение бележи пад по затворањето на банките.
Грците, а со нив и остатокот од светот, веќе почнаа да ги одбројуваат деновите, часовите и минутите до одржувањето на референдумот. За три дена, грчкиот народ ќе го каже својот став за мерките за штедење што ги бараат меѓународните кредитори. 
– Грците мора да глaсаат со не. Грците не може да страдаат повеќе, умираме. Не сакаме повеќе катастрофа. Нашите деца немаат млеко за пиење, вели за Нетпрес симпатизерка на Сириза.
– Гладен сум од вчера. Немам јадено ништо од вчера, вознемирено вели еден постар Грк.
– Живееме како робови. Нешто мора да се смени во нашата земја, вели друг.
 Ова утро во грчката престолнина осамна со вистински хаос пред банкарските експозитури кои што ги отворија своите врати исклучиво за пензионерите. Според владината одлука, пензионерите кои што не користат платежни картици, од банките ќе можат да извадат најмногу до 120 евра неделно. Состојбата на бензинските пумпи во грчката престолина е под контрола.
Вчера вечер пак, на плоштадот Синтагма пак, уште еднаш се одржа собир на про-европските поддржувачи, откако ден претходно, илјадници Грци излегоа на истиот плоштад за поддршка на владината политика.
Во меѓувреме германските, а по нив и руските медиуми, објавија протечени документи од ММФ според кои што Грција ќе остане во криза најмалку до 2030 година, дури и ако ги прифати мерките за штедење на кредиторите.