Ципрас: Преименувањето на аеродромот во Скопје и автопатот не го решава проблемот со иредентизмот

Се обврзувам дека во следниот период со патриотска одговорност ќе се стремам кон заемно прифатливо решение, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето до јавноста во саботата по средбите со лидерите на политичките партии и објасни дека е направен напредок, но сѐ уште е долг патот до договор.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, грчкиот премиер Алексис Ципрас, ја повторил позицијата за сложено име со географска или временска одредница и за севкупна употреба, и објаснил дека тоа значи и за меѓународна и внатрешна комуникација.

Додал дека на неговите соговорници од опозициските партии им објаснил дека оваа година е отворен прозорец на можност за решение, бидејќи, како што истакнал, „новото политичко раководство кај соседот под господинот Заев покажува волја да преговараме, но и дека новата влада ја има сменето и во некоја мерка повлечено иредентистичката реториката на претходните влади“, факт што според Ципрас може да ги интензивира преговорите.

„Карактеристичен беше потегот на господинот Заев да го преименува меѓународниот аеродром во Скопје, но и автопатот Солун – Скопје од „Александар Велики“ во ‘Пријателство’. Овие симболични чекори не значат дека е решен проблемот со иредентизмот, бидејќи политичката волја на нашите соседи треба добие облик на јасни и конкретни обврзувања во рамките на разговорите што се водат како на билатерално, така и во рамките на медијаторствто на ООН“, рекол грчкиот премиер во обраќањето до јавноста, јавува МИА.

Ципрас истакнал дека неговата влада има волја и одлучност за затворање на долгогодишниот проблем, повторувајќи ги грчките црвени линии.

„Во последниот период е направен напредок, сепак останува голем пат да се изоди, за да стигнеме до едно заемно прифатливо решение за сложено име со географска или временска одредница, што ќе важи за сите. И кога велиме за сите, тоа се однесува како на меѓународното име, така и на името во внатрешноста“, рекол Ципрас и истакнал дека Грција нема кон никој обврска да го реши прашањето, туку тоа е во служба на среднорочните и долгорочните национални интереси и стабилноста на Балканот.

„Не е воопшто случајно што во последните 25 години мнозинството земји од ОН ја признаа соседната земја под уставното име. Додека, пак, привременото име кое Грција го признава од 1995-та го вклучува терминот Македонија, но без никаква одредница што би ја спречило можноста за идни барања за територија или нашата историја“, објаснил Алексис Ципрас.

Во однос на разговорите со лидерите на политичките партии и неговиот стремеж да се создаде широк национален консензус, грчкиот премиер, во неговото обраќање, јавува дописникот на МИА од Атина, рече дека размениле мислења и изразил надеж дека може да се најде заеднички јазик.

„Мислам дека со повеќето имавме искрен и одговорен разговор што би можел да доведе до поклопување на политичките позиции и поширок консензус, доколку стигнеме до договор“, истакнал Ципрас, паралелно упатувајќи критики до лидерот на опозициската Нова демократија, поради позицијата што Кирјакос Мицотакис ја зазеде на нивната средба во саботата претладнето.