Ципрас бара времено продолжување на договорот за помош на Грција

136

Грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа соопшти дека се обратил до лидерите на европските институции и на членките на еврозоната со молба да ја изменет одлуката на Еврогрупата за прекин на програмата за помош на Грција.

– Само тие можат да ја сменат одлуката на Еврогрупата и да и дозволат на Европската централна банка (ЕЦБ) да го обнови финансирањето на грчките банки, посочи Ципрас во обраќање до нацијата.

Тој нагласи дека Владата на Грција ќе ги гарантира банкарските депозити и исплатата на плати и пензии за населението, потврдувајќи ја при тоа владината одлука за времено затворање на банките и на атинската Берза.

Ципрас додаде дека одлуката на кредиторите на Грција за отфрлање на барањето на Атина за „кусо продолжување“ на финансиската програма за спас, претставува „чин без преседан“, чија цел е да се доведе под сомнеж способноста на една земја да го реши проблемот што го загрозува нејзиниот суверенитет.

– Со таквата одлука Европската централна банка денеска реши да ја ограничи ликвидноста на грчките банки и ја принуди централната Банка на Грција да прогласи „банкарски одмор“ и да го ограничи повчекувањето на пари, изјави Ципрас.

ЕЦБ вчера соопшти дека внимателно ја следи состојбата во Грција со масовното повлекување на пари од грчките банки и дека е подготвена да ја „преразгледа својата одлука“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.