CNN: 140 републиканци може да ја оспорат победата на Бајден во Конгресот на САД

Група републикански пратеници би можеле да се обидат да ги оспорат резултатите од претседателските избори во САД, кога ќе бидат ставени за одобрување во Конгресот на САД на 6-ти јануари, се наведува во напис објавен на веб-страницата на телевизискиот канал CNN.

Двајца републикански конгресмени изјавиле за медиумот дека очекуваат таков обид да направат околу 140 нивни сопартијци во Претставничкиот дом и неколку членови на Сенатот.

Според CNN, сојузниците на актуелниот претседател Доналд Трамп меѓу републиканците фактички немаат шанси да го променат исходот од оваа постапка.

Во текстот на CNN се наведува дека овие законодавци можат само да го одложат за неколку часа „неизбежното потврдување на победата“ на демократот Џо Бајден за нов претседател на САД.

Според информација на телевизијата, шефот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, ги повикал своите сопартијци во горниот дом на американскиот парламент да не се обидуваат да ги оспорат резултатите од претседателските избори.

На 6-ти јануари, на заедничка седница, двата дома на Конгресот треба да ги потврдат резултатите од гласањето на изборите. Според прописите, законодавците можат да се спротивстават на одобрување на резултатите од гласањето во некоја од сојузните држави. Приговорот мора да биде поднесен во писмена форма од најмалку еден член на Претставничкиот дом и од еден сенатор.

Доколку биде поднесен таков приговор, седницата на Конгресот ќе се одложи, за да може двата дома да го разгледаат одделно, а потоа да гласаат. Ако еден од домовите се спротивстави, приговорот не е прифатен. Експертите сметаат дека Претставничкиот дом, каде демократите имаат мнозинство, ќе гласа против секоја иницијатива што ја доведува во прашање победата на Бајден.

Во првата седмица на декември, пак, весникот The Washington Post објави истражување на неговите новинари во кое се наведуваше дека само 25 од 249-те сопартијци на актуелниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, ја признаваат победата на демократот Џозеф Бајден на претседателските избори кои се одржаа на 3-ти ноември

Новинарите на весникот го контактирале секој републикански законодавец во Сенатот и во Претставничкиот дом на Конгресот, и како резултат на нивната анкета се покажало дека вкупно само 25 конгресмени и сенатори отворено ја признаваат победата на Бајден, двајца сметаат дека победник е Трамп, а другите 222 не дале јасен одговор на прашањето кој според нив победил на изборите.

Покрај тоа, само 30 републиканци во Конгресот отворено ја изразиле својата подготвеност да го признаат Бајден за легитимен претседател доколку изборниот колеџ гласа за него на 14-ти декември. И притоа, само девет пратеници катергорично се против обидите на актулениот претседател Трамп да ги оспори изборните резултати, осум ги поддржуваат неговите активности во настојувањата да покаже дека изборите наводно биле наместени, а 232 републиканци не можеле да дадат одговор на прашањето.

 

Во написот беше забележано дека до тој период повеќе од 70 отсто од републиканските пратеници не можеле да дадат јасен одговор на прашањата поставени од новинарите за резултатите од претседателските избори.

И покрај бројните отфрлања од страна на судовите на тужбите на тимот на Трамп со барања за пребројување на гласовите, Трамп и натаму одбива јасно да го признае изборниот пораз, навестувајќи наводно продолжување на правната битка и обвинувајќи ги демократите и изборните комисии за „бројни прекршувања“ на изборниот процес.