Coca-Cola првпат објави податоци за употреба на пластиката

Американскиот прехранбен гигант „Coca-Cola“ извести дека во последната година употребил три милиона тони пластика за пакување на своите производи, придружувајќи ѝ се на иницијативата за намалување на загадувањето на природната околина со пластика.

Податокот е објавен во рамките на извештајот на Фондацијата Елен Мекартур која ги поттикнува компаниите и владите да вложат повеќе напори за да се намали загадувањето на околината со пластика, наведува BBC. Во рамките на кампањата 150 компании се обврзаа да го намалат користењето на пластиката.

Од „Coca-Cola“ минатата 2018 година најавија дека до 2030 година ќе рециклираат едно користено шише односно лименка за секое пластично шише коешто ќе го продадат. Американската компанија продава 500 брендови газирани пијалоци, сокови и вода.

Листата на компаниите коишто во рамките на извештајот на Фонданцијата Елен Мекартур објавија податоци за потрошувачката на пластиката во текот на периодот од 12 месеци ги вклучува „Mars“, „Nestle“ и „Danone“. На пример „Nestle“ годишно употребува 1,7 милиони тони пластика, „Colgate“ минатата година употребил 287.008 тони, „Unilever“ 610.000 а „Burberry“ 200 тони.

Компаниите настојуваат да бидат потранспарентни во објавувањето на податоците за потрошувачката на пластиката и создавање отпад. „Nestle“ во февраури пластичните сламки во своите производи ги замени со хартиените.

„Burberry“ минатата година беше критикувана откако соопшти дека поради заштита на брендот уништиле непродадена облека, модни додатоци и парфеми во вредност од 28,6 милини британски фунти. Таа практика во меѓувреме е укината.

Меѓу другите потписници на иницијативата за намалување на загадувањето на природната средина со пластика се и Град Љубљана, владите на Велика Британија, Чиле, Гренада и Руанда.