COP26 заврши со формулацијата за „постепено намалување“ на употребата на јагленот

Двестоте земји учесници на климатската конференција на Обединетите нации го усвоија во саботата договорот во кој првпат се споменуваат фосилните горива, но формуалцијата во последниот момент била изменета од „постепено укинување“ во „постепено намалување“, што предизвика големо разочарување кај челникот на COP26, Алок Шарма.

Именуван како „Климатски пакт од Глазгов“, текстот на договорот е усвоен по двете седмици тешки преговори, со ударот со чекан на британскиот премиер Борис Џонсон кој беше домаќин на светската конференција за климата. Целта на конференцијата беше да се сочува целта за ограничувањето на глобалното загревање на 1,5 Целзиусови степени во однос на прединдустриската ера.

Потврдувајќи за тешкотијата при постигнувањето на договорот, Шарма изјави дека е „длабоко разочаран“ поради измените коишто морало да бидат воведени во договорот во последните моменти по прашањето на енергијата од фосилни горива, а на барање на најголемите нации на планетата Кина и Индија. Во медиумските извештаи се наведува дека Шарма изгледал „навистина тажен“ и на „работ да заплаче“.

Многу мали островски земји како Фиџи, на пример, на кои им се закануваат поплавувања па дури и исчезнување поради порастот на нивоата на морињата како наводна последица од глобалното загревање за што се „обвинети“ фосилните горива, критикуваат затоа што во последен момент е усвоена изманата од „постепено укинување“ во „постепено намалување“ на користењето на јагленот. Сепак, станува збор за првиот договор во кој се споменува јагленот и првото експлицитно споменување на фосилните горива во некој климатски договор на ОН.

Конечниот текст, исто така, повикува на постепено укинување на субвенциите за фосилните горива, а државите до крајот на следнатата година да ги зајакнат целите за емисиите на стакленичките гасови до 2030 година за да се направи обид да се ограничи опасното затоплување на планетата.

Иран даде до знаење дека не е задоволен од делот на нацрт-договорот на COP26 за постепеното укинување на субвенциите за фосилните горива и ѝ изрази поддршка на Индија, којашто, исто така, ги критикуваше богатите земји.

„Не сме задоволни со членот 36 за постепеното укинување на субвенциите за фосилните горива. Ја поддржуваме индиската делегација кога станува збор за фосилните горива“, истакна иранската делегација на самитот.

Најновиот нацрт на договорот објавен во саботата, како и претходните верзии, се обиде да ги урамнотежи барањата на климатски чувствителните нации, големите индустриски сили и оние чијашто потрошувачка или извоз на фосилни горива е од круцијално значење за нивниот економски развој.

Кина, којашто заедно со САД е најголемиот емитувач на стакленичките гасови, и Саудиска Арабија која е најголемиот извозник на нафта на светот, беа во групата земји кои сакаа да ја спречат финалната верзија, вклучително и ставот за противењето на субвенциите за фисилните горива кои се сметаат за главната причина за глобалното загревање, пренесе Reuters во петокот повикувајќи се на два неименувани извора.

Претходно Шарма ги повика земјите да престанат да прашуваат што уште би можеле да бараат на климатските преговори, туку да се запрашаат што е доволно и да го поддржат нацртот за климатскиот договор.

„Ова е моменетот на вистината за нашата планета…. Светот сака да го преземеме ризикот… Заедно или ќе успееме или ќе пропаднеме“, истакна Шарма обрајќајќи им се на делегатите на коференцијата во Глазгов.

Додаде дека нацртот на климатскиот договор е „прочистен“ по „транспарентниот“ процес во кој се избалансирани ставовите на речиси 200 држави.

Преговарачите на климатскиот самит го пробија рокот за конечниот договор по двете седмици дискусии кои требаа да завршат во петокот. Некои научницит предупредуваат дека пречекорувањето на зацртаниот праг од 1,5 Целзиусови степени би предизвикал екстремен раст на нивоата на морињата и катастрофални временски екстреми, вклучително и суши, монструозни бури и шумкси пожари многу полоши од оние коишто веќе се случуваат.