COP27 почна со предупредување за назадување на светот во борбата против климатските промени

Климатскиот собир COP27 на Обединетите нации започна во неделата во египетското летувалиште Шарм ел-Шејк со предупредување за назадување на државите во борба против климатските промени и повиците до богатите земји да ги компензираат најсиромашните по годините екстремни климатски катастрофи.

Само изминатите неколку месеци климатските непогоди убиле илјадници луѓе, милиони натерале во бегство и донеле милијарди долари штети ширум светот, пишува AFP.

Големите поплави уништиле големи делови од Пакистан и Нигерија, во Африка и на западот од САД се влошиле сушите, бурите ги разорија Карибите, а топлинските бранови зафатија три континента.

Собирот во Египет се одржува кон крајот на годината одбележана со геополитички турбуленции како што е војната во Украина, енергетската криза, растот на инфлацијата и долгорочните последици од тлеечката пандемија на Covid-19.

Но Сајмон Стиел, извршен секретар на ОН за климата, предупредува дека нема да стане „покровител на назадувањето“ по прашањето за постигнување на целта намалување на штетните емисии во светот за 45 отсто до 2030 година и задржува на глобалното затоплување на под 1,5 Целзиусови степени во однос на прединдустрискиот период.

„Ќе ги повикаме луѓето на одговорност, без разлика дали се претседатели, премиери, извршни директори. С’ржта на спроведувањето е сите, насекаде во светот, секој ден да прават сѐ што можат за да се справуваат со климатската криза“, изјави Стиел на отворањето на 13-дневниот самит.

Моменталните трендови покажуваат дека штетните емисии се на пат да се зголемат за 10 отсто до крајот на деценијата, како и дека површината на Земјата ќе се загрее за 2,8 Целзиусови степени, покажуваат истражувањата објавени минатата седмица. Ветувањата преземени со Парискиот климатски договор од 2015 година, доколку бидат исполнети, би ги намалиле загревањето за само неколку децимали.

„Иако сфаќам дека челниците ширум светот годинава се соочија со други приоритети, мораме да бидеме јасни: колку и да е предизвикувачка моменталната ситуација, неактивноста е кратковида. Колку уште повици за будење на светот, и на светските челници, всушност се потребни:“, изјави британскиот претставник Алок Шарма, челникот на претходниот собир COP26 кој минатата година се одржа во шкотски Глазгов.

 

Насоченост кон парите

Годинешниот климатски собир како никогаш претходно ќе биде фокусиран на парите, главната точка на спорот кој ги влоши односите меѓу државите кои се збогатиле со согорување на фосилните горива и оние сиромашните кои тоа не го сторија, а патат од тешките последици на климатските промени.

САД и Европската унија, загрижени поради можното основање на отворена рамка за репарации, ја одолговлекуваа и ја доведуваа во прашање потребата за посебни текови на финансирањето. Делегатите во неделата се согласија прашањето за „загубите и штетите“ да биде ставено на дневниот ред на COP27, што се смета за прв чекор кон сигурно бројните дискусии по оваа тема.

„Вклучувањето на таа точка го одразува чувството на солидарност и емпатија за прашањето на жртвите на катастрофите предизвикани од климатските промени. Сите им должиме благодарност на активистите и организациите на цивилното општество кои упорно бараа простор за дискусијата за финансирање на загубите и штетите“, изјави актуепниот претседател на COP, Египќанецот Самех Шукри.

Потсети, исто така, дека богатите нации не ги исполниле ветувањата за 100 милијарди долари годишна помош за земјите во развој, за да ги „озеленат“ економиите и да изградат отпорност на идните климатски промени. Се пожали и дека повеќето финансирања за климатските промени се засновани на заеми.

„Го немаме луксузот да продолжиме на овој начин. Мораме да ги промениме нашите пристапи на оваа егзистенцијалната закана“, истакна Шукри, па повика на решенија коишто „докажуваат дека се сериозни во намерата никого да не остават зад себе“.

 

Тензии меѓу САД и Кина

Во воведниот ден на собирот во Египет ќе му се придружат повеќе од 120 светски челници.

Меѓу нив нема да биде кинескиот претседател Кси Џинпинг кој во октомври го доби вториот мандат на конгресот на Комунистичката партија. Американскиот претседател Џо Бајден, пак, изјави дека ќе дојде на климатскиот самит но откако ќе завршат изборите во САД на 8-ми ноември на кои Републиканската партија може да ги освои двата дома на Конгресот, а републиканците се познати по својата ненаклонетост на меѓународната активност против климатските промени кои и научно ги проблематизираат.

Соработката меѓу САД и Кина, двете најголеми светски економии и емитери на штетните гасови, претходно беше клучната за ретките придвижувања во речиси 30-годишната сака на преговорите на ОН за климата. Меѓутоа, од собирот во Глазгов, на кој Вашингтон и Пекинг излегоа со заедничка изјава, американско-кинеските односи паднаа на најниското ниво во последните 40 години.

Претходно годинава претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, ја напушти долгогодишната практика највисоките американски функционери да се воздржуваат од контакт со тајванските власти, и отпатува на Тајван, што ја разгневи Кина која островот го смета за своја одметната покраина. Пекинг одговори со низа масивни воени вежби, а Вашингтон воведе забрана за продажба на висококвалитетни чипови на Кина.

Кси и Бајден неколку дена пред завршувањето на климатскиот собир на ОН во Египет, ќе присуствуваат на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали. Засега нема најава за средба меѓу двајцата челници, за која се смета дека би можела да претставува пресврт и да испрати позитивен сигнал.

Светол момент на COP27 ќе биде присуството на новиот бразилски претседател Луиз Инасио Лула да Силва, кој најавува пресврт во политиките на заштита на Амазонија во однос на претседателот на заминување Жаир Болсонаро.