21.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Црквата денеска го одбележува споменот на неколку свети

Светиот великомаченик Прокопиј

Роден е во Ерусалим, од татко христијанин и незнабожна мајка. Името најпрво му беше Неаниј. По смртта на таткото мајката го воспита синот сосема во духот на римското идолопоклонство. Кога Неаниј порасна, го виде еднаш царот Диоклецијан и толку го засака, што го зеде кај себе во дворецот на војничка служба. А кога овој злочестив цар почна да ги гони христијаните, го одреди Неаниј да оди со еден одред војска во Александрија за во неа да ги сотре христијаните. По патот на Неаниј му се случи нешто слично како на Савле. Во третиот час од ноќта стана голем земјотрес, при што му се јави Господ и се слушна глас: „Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“ Во голем страв Неаниј запраша: „Кој си ти, Господи? Не можам да те познаам.“ Во тој миг во воздухот се јави пресветол крст, како од кристал, и од крстот дојде глас: „Јас Сум Исус, распнатиот Син Божји“. И уште Господ му рече: „Со знакот што го виде победувај ги непријателите свои и мирот Мој ќе биде со тебе.“ Тој настан потполно го смени и го преврте животот на војводата Неаниј. Тој даде да му се направи онаков крст и место да појде против христијаните тргна на Агарјаните коишто тогаш удираа на Ерусалим. Како победник влезе во Ерусалим и ? објави на мајка си дека е христијанин. Изведен пред судијата ги симна и ги фрли од себе појасот и мечот војводски за да покаже дека е војник само на Царот Христос. После големи мачења беше фрлен во затвор, а таму повторно му се јави Христос и го крсти и му го даде името Прокопиј. Еден ден му дојдоа на затворскиот прозорец дванаесет жени и му рекоа: „И ние сме слугинки Христови.“ Обвинети за ова, беа фрлени во истиот затвор, па Свети Прокопиј ги поучуваше во верата Христова, а особено за да го примат венецот на мачеништвото. Затоа во чинот на брачното венчавање, покрај боговенчаниот цар Константин и царицата Елена, се спомнува и Свети Прокопиј. Оние дванаесет жени потоа беа подложени на страшни маки. Гледајќи ја нивната храброст и маките што ги трпат, мајката на Свети Прокопиј и самата поверува во Христа, па сите тринаесет беа погубени заедно. Кога беше изведен на губилиштето, светителот ги подигна рацете кон исток и Му се помоли на Бога за сите бедни и неволни, сиромашни и вдовици, а особено за Светата Црква, да порасне и да се спростре насекаде и Православието да свети до кончанието на светот. И од небото му беше јавено дека молитвата му е услишена. Потоа радосно ја положи главата под мечот и појде кај својот Господ. Свети Прокопиј пострада чесно во Кесарија Палестинска на 8 јули 303 година.

Тропар
Твојот маченик Прокопиј, Господи, прими венец нераспадлив од Тебе, нашиот Бог, зашто, имајќи ја Твојата поткрепа, ги порази мачителите и ја скрши немоќната дрскост на демоните. По неговите молитви, спаси ги душите наши.

Кондак
Распален од ревноста кон Христа, и пазен од крепкоста на крстот, си ја поразил горделивоста и дрскоста на вразите, Прокопие, и си ја издигнал чесната Црква, преуспевајќи во верата, и нас просветлувајќи н?.

Свети Прокопиј Јуродив

Устјужски чудотворец, упокоен во 1303 година. По потекло Варјаг, а по професија трговец. По трговски работи дојде во Новгород и бидејќи се восхити од убавината на Православието ја прими православната вера. Посака да биде совршен христијанин, заради што сиот свој имот им го раздаде на сиромасите и почна да се подвизува во сите добродетели. Се правеше луд за да не го фалат луѓето, но гледаше во срцата и судбините на луѓето како во природни настани, коишто потоа навистина и се случуваа. Заради неговата молитва и плач еднаш го спаси од битка Устјуг и така овој грешен град го приведе кон покајание. Телото му го најдоа на улица мртво и прекриено со снег. Над неговите чудотворни мошти соѕидаа храм.

Тропар
Блажен беше крајот твој земен, Прокопие свети, како што беше Боговдахновен животот твој јуродивски поради Христа, а величествена е славата твоја на небесата пред престолот Божји. Радувај се и за нас моли се, благодатен молитвен подвижнику, за сите кои го чествуваат твојот свет спомен.

Преподобен Теофил Мироточив

Родум од Македонија, од селото Зики. Многу учен човек и голем подвижник. Цариградскиот патријарх Нифонт му порача да отпатува во Александрија и да испита дали е вистина дека патријархот Јоаким поместил гора и испил отров без да му наштети. Кога се увери во вистинитоста на овие чуда, Теофил се врати на Света Гора, каде што се подвизуваше најпрво во Ватопед, па во Ивер и најпосле во келијата на Свети Василиј близу Кареја. Овој свет човек ја одби понудата да го прими солунското архиепископство. Со длабоко безмолвие, богомислие и срдечна молитва, успеа да си го очисти умот од сите страсни помисли, па стана чист сад на Светиот Дух и во него живееше Христос. Пред смртта му нареди на својот ученик Исаак кога ќе умре да не го погребува, а да го врзе со јаже за нозете, да го одвлечка и да го фрли во потокот. Со голем страв ученикот така и направи. Но Божјата Промисла ги откри моштите на Свети Теофил и кога ги пренесоа во келијата, почнаа да точат чудотворно миро. Се упокои на 8 јули 1548 година.

Тропар
Тебе, на кого Господ Исус ти беше живот и дишење, ти кој не живееше туку Христос во тебе ги вршеше чудесата, Теофиле свети, денес чест и поклонение ти воздаваме, како на возљубен од Бога песнопеења ти плетиме, и молиме за твое застапништво пред Него, о возљубен мироточив оче наш преподобен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.