„Црквата од Охрид“, во државата „Република Северна Македонија“

950
страшо ангеловски

Жално е што мнозинството од македонскиот народ и двојно поголемо мнозинство од македонските политичари и црковни великодостојници и служители не сака или не може да исчита нешто што само политички слепци не можат да го прочитаат. Станува збор за писмото-соопштение испратено од секретаријатот на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија до „Црквата под Архиепископот г. Стефан“, во кое се вели дека под претседателство на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, а по „повторените повици од државата на Северна Македонија“ Светиот и Свештен Синод одлучил дека:

1. Ја прима во евхаристичко општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква од Архиепископот г. Стефан…
2. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија…
3. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено и вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот „Македонска“, или друга изведенка од зборот „Македонија“.

Вселенската патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на оваа црковна целина на Охрид…

Истиот ракопис повторно во бришење на се’ македонско

Повеќе од видливо, она што не сакаат да го прочитаат политичарите и црковниот врв во државава, е дека со истиот ракопис е пишуван и Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје и писмото-соопштение од грчката црква со седиште во „Цариград“, претставена како Вселенска Патријаршија. Поточно речено, ракописот од Ленгли доставен до своите испостави во Атина и „Цариград“, со кој се говори за државата и Црквата на „Северна Македонија“. Ракопис, со кој беше укинато постоењето на македонската држава, македонската нација и сега конечно Македонската Православна Црква.

Со договорот од Преспа, меѓу Атина и Скопје, започна конечното затворање на македонското прашање, она кое го сметаа за затворено со Букурешкиот договор од 1913 година, но кое се подотвори со АСНОМ, на 2 Август 1944, а целосно се отвори на 8 Септември 1991 година со воспоставувањето на независната македонска држава. Денес, со прифаќањето на одлуките од Вселенската Патријаршија, македонското прашање целосно се затвора со престанок на постоењето на македонска држава, македонска нација и македонска Црква.

За да биде јасно за што станува збор, по којзнае кој пат ќе се навратам на Вестфалскиот мир од 1648 година и од него произлезените принципи во создавањето на државите и нациите. Принципи врз кои е изграден современиот меѓународен поредок и според кои се создавале и се создаваат државите и нациите во западното и источното христијанство.

Во западното христијанство, според Вестфалските принципи, се создава двојството нација-држава, односно во омеѓената територија на една држава сите затекнати граѓани ја формираат нацијата според името на создадената држава. Според тоа двојство на Вестфалските принципи се создадени западнохристијанските држави и нации.

Во источното христијанство (Православието), формирањето на државите и нациите, според Вестфалските принципи, започнува кон крајот на 19 век за да во 19 и 20 век по создавањето и граничното одредување на националните држави на Балканот, со Патријаршиски и Синодални Томоси, Вселенската Патријаршија како самопрогласена Мајка Црква, создаде автокефални Цркви (Грција, Србија, Романија, Бугарија, Албанија). Тие автокефални Цркви ја опфаќале областа на една конкретна национално-државна единица. Така, во источното христијанство се создава тројството држава-нација-Црква и врз тоа тројство изградено врз Вестфалските принципи се создадени балканските држави.

И бидејќи со Договорот од Преспа веќе се создаде државата „Република Северна Македонија“ и нацијата „граѓани на Република Северна Македонија“, а со одлуките на Вселенската Патријаршија се создава автономна (во рамките на СПЦ) Црква на „Република Северна Македонија“, се заокружува процесот на создавање на уште една држава на Балканот, држава со своја нација и Црква.

Тоа, за жал, е една сосема нова држава, која со потпис од државниот, а еве сега и црковниот врв, се обврзува дека нема да го користи зборот „Македонска“ или друга изведенка од зборот „Македонија“ и дека таквата држава, нација и Црква немаат ништо заедничко со досегашното постоење на македонскиот народ, неговата историја, име и идентитет.

Така, повеќе од очигледно, со одлуките на грчкиот Патријарх од Вселенската Патријаршија, а за потребите на официјална Атина, се помага во создавањето на новата држава на Балканот – „Република Северна Македонија“, во која навистина ќе постои Црква во канонско единство со останатите Православни Цркви, но тоа ќе биде сосема нова Црква на државата „Северна Македонија“ создадена на 9 мај 2022 година. Тоа веќе не е Светиклиментовата Црква, тоа не е Македонската Православна Црква.
Згора на се’, враќајќи ја МПЦ во статус на автономија, црковниот врв бесправно и незаконски ги поништува одлуките на третиот македонски црковно-народен собор од 1967 година на кој е прогласена нејзината автокефалност и ја враќа под надлежност на СПЦ, што заедно со бришењето на одлуките и придобивките на АСНОМ од страна на државниот врв претставува злосторство против сопствениот народ во полза на соседните официјални политики.

Со ова, за жал, црвот на предавството го разјаде и последниот дирек на кој се потпираше веќе разнебитеното македонско постоење, па ќерамидите на Светиклиментовите храмови, паѓајќи со тресок, со прашината на поганењето, го затрупаа македонското прашање.

Но, ние Македонците и верните чеда на МПЦ и со голи раце се’ одново и одново ќе ја откопуваме вистината – за македонската држава, за македонскиот народ, за македонското име, за македонскиот идентитет, за Македонската Православна Црква.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.