Црна Гора ги објави имињата на лица во самоизолација, владата обвинета за „повик на линч“

Црна Гора јавно ќе ги објавува имињата на лицата кои се во самоизолација, објави Владата, што невладини организации и граѓански здруженија го оценија како „повик за линч“, особено кога станува збор за лица кои не ја прекршиле мерката за самоизолација.

„Националното координативно тело за заразни болести ќе почне да го објавува идентитетот на луѓето кои се во самоизолација. Секој граѓанин нека знае кои нивни соседи и сограѓани со својата недисциплина ги доведуваат во опасност“, објави Владата на Црна Гора на Twitter.

На оваа мерка реагираа невладини организации, тврдејќи дека со тоа се прекршува уставот и се ограничува правото на приватност.

Црна Гора беше последната европска земја во која се појави коронавирусот и досега има 16 заразени. Институтот за јавно здравје објави и дека над 5.000 луѓе се под здравствен надзор.

Властите уште на 13-ти  март воведоа низа рестриктивни мерки за да се спречи ширењето на заразата, па забранија јавни собири и влез на странци во земјата, ги затворија образовните институции и го запреа јавниот превоз.