Црна Гора го одби барањето на Русија, да направи воена база во Бар

Русија од Црна Гора неодамна побара да инсталира воена база во Бар, за логистичка поддршка на нејзината поморска флота во Медитеранот, пишува црногорскиот весник „Вијести“.

Подгорица официјално го одби барањето на Москва пред три недели, дознава весникот, повикувајќи се на високи владини извори.

Русија барала логистичка поддршка за својата флота во Медитеранот како алтернатива, бидејќи било неизвесно дали ќе може да ја задржи воената база во пристаништето Тартус во Сирија, наведува изданието. Тоа сириско пристаниште за Русија е од стратешки интерес, бидејќи и овозможува присуство во Медитеранот.

Министерството за одбрана на Црна Гора соопшти дека „во редовните комуникации што Министерството ги има во своите билатерални и мултиатерални активности, ниту во една прилика не станувало збор за отворање на воени или поморски бази на територијата на Црна Гора“.

„Во тој поглед Министерството и Владата на Црна Гора имаат однос што е недвосмислено определен со стратешките приоритети на Црна Гора во поглед на евроатланските интеграции, почитувањето на Уставот на ЦГ, меѓународното право и конценциите“, велат од црногорското Министерство за одбрана.