Црна Гора издаде потерница против поранешниот претседател Маровиќ

Основниот суд во Котор издал во средата потерница по поранешниот претседател на државната заедница на Србија и Црна Гора и поранешен висок функционер на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), Светозар Маровиќ, поради издржувње затворска казна на којашто е осуден поради злоупотреба на овластувањата.

Светозар Маровиќ во моментов се лекува во една клиника во Белград, а неговите адвокати на судот му доставиле лекарски наоди барајќи извршувањето на казната да се одложи. Меѓутоа, судот во Котор тоа не го прифатил и распишал потерница по него.

Потерницата е издаден поради издржување на затворска казна по правосилна пресуда на вишиот суд во Подгорица, од три години и десет месеци затвор. Наредбата во средата била доставена во центарот за безбедност во Будва поради извршување, соопштија црногорските судски власти.

Маровиќ беше осуден за злоупотреба на овластувањата на должноста преку поттикнување и измами. Претходно пред обвинителите призна дека бил шеф на организирана криминална група која го злоупотребувала општинското земјиште и го оштетила буџетот на градот Будва за повеќе десетици милиони евра и се спогоди со обвинителството околу висината на затворската казна.

Освен затвор, Маровиќ е осуден и да плати 100.000 евра парична глоба, и мора на државата да ѝ врати повеќе од милион евра. Иако рокот за плаќање на паричниот дел од казната истече, таа уште не му е зголемена за една година затвор, како што е предвидено со пресудата.

Медиумите шпекулираат дека Маровиќ наскоро ќе побара азил во некоја европска држава. Неговиот син Милош Маровиќ, кој исто така бил вклучен во криминалната група, не се јави на отслужување на затворската казна, туку престојува во Белград каде што доби српско државјанство. Тој побара од црногорските правосудни органи казната да ја отслужи во Србија, што овие го одбија, и највереројатно и против него ќе распишат потерница.