Црногорскиот парламент во четвртокот вечерта му даде мандат на Миодраг Лекиќ да формира нова влада, откако претходно тоа го одби црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
На овој начин владејачкото мнозинство во Црна Гора ги искористи спорните измени на законот кои беа усвоени минатата седмица, со кои ѝ овозможи на претседателката на парламентот Данијела Ѓуровиќ да ја донесе таа одлука во случај Ѓукановиќ да одбие да му го довери мандатот на Лекиќ.
Измените на законот, со кои се намалуваат овластувањата на претседателот на државата, претходно беа критикувани од дипломати на меѓународната заедница, додека Венецијанската комисија како советодавно тело на ЕУ без обврзувачки одлуки, даде негативно мислење дека уставните овластувања на претседателот не можат да се менуваат со обичен закон.
На собраниската седница на која на Лекиќ му беше доверен мандатот не присуствуваа пратениците на опозицијата предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС) Мило Ѓукановиќ,
Миодраг Лекиќ рече дека сѐ е регуларно во таа одлука и дека претседателот имал можност да предложи мандатар и тоа ќе ја направеше Црна Гора посериозна како држава. Рече и дека неговата влада нема да го промени надворешнополитичкиот правец на Црна Гора и дека земјата ќе остане на патот на интеграцијата во ЕУ и кредибилен партнер во НАТО.
Миодраг Лекиќ е поранешен дипломат, а беше претседателски кандидат на опозицијата на изборите во 2013 година, кои ги загуби со само десет илјади гласови разлика од Филип Вујановиќ, кандидатот на Демократската партија на социјалистите. Во моментов е пратеник во црногорскиот парламент.
Црна Гора влезе во политичка криза од август кога на владата на премиерот Дритан Абазовиќ, откако тој етнички Албанец го потпиша Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ), договор кој го имаа потпишано претходно со владата на ДПС и другите верски задници во Црна Гора. Поради овој договор на владата на Абазовиќ ѝ беше изгласана недоверба во парламентот по иницијатива на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ и откако поддршката ѝ ја откажа дотогаш СДП.
Потоа беше формирано ново парламентарно мнозинство во кое најголем чинител е просрпскиот Демократски фронт, а ја поддржува и партијата Обединета реформска акција (УРА) на Дритан Абазовиќ кој го предложи за мандатар за формирање на новата влада Миодраг Лекиќ.
Претседателот Ѓукановиќ, најдолговечниот политички челник во Европа со повеќе од три децении и порано еден од најблиските соработници на српскиот челник Слободан Милошевиќ, одби да му го даде мандатот на Лекиќ кого неговата партија го обвинуваше дека бил амбасадор од времето на Милошевиќ односно СР Југославија, тврдејќи дека „не е убеден“ дека Лекиќ има поддршка во парламентот.
Како одговор на тоа владејачкото мнозинство усвои нов закон за претседателот, со кој како и во другите земји во Европа шефот на државата треба да го даде мандатот на кандидатот кој ќе биде предложен од парламентарното мнозинство, особено идентично со случајот во Македонија во 2017 година.
Кризата дополнително беше продлабочена со нефункционирањето на Уставниот суд на Црна Гора кој во моментов има само тројца од вкупно седум судии, а пратениците со месеци не успеваат да се договорат за изборот на новите уставни судии.
САД: Да не се формира влада врз основа на контроверзен закон
Амбасадорката на САД во Црна Гора, Џуди Рајзинг Рејнке, на средбата со претседателот на Собранието претходно во четвртокот го повтори ставот на Вашингтон дека новата црногорска влада не треба да се формира врз основа на контроверзните измени на законот за претседател на Црна Гора.
Рајнке, како што се наведува во соопштението, рече дека САД се подготвени да помогнат што побрзо да се изнајде излез од сегашната ситуација и рече дека изборот на судии на Уставниот суд е основен предуслов за решавање на сите други проблеми. и камен-темелник на кој ќе се изгради понатамошна црногорска демократија.
„Посочувајќи на мислењето на Венецијанската комисија, Рајнке го повтори ставот на САД дека новата влада не треба да се формира врз основа на спорни измени на законот за претседател на Црна Гора“, се наведува во соопштението.
Претходно идентичен апел испратија и дипломатите на земјите од Европската унија.