Црна Гора потпиша Декларација за завршување на процесот на интеграција во НАТО

Со потпишувањето на Декларацијата за завршувањето на интеграцијата во НАТО во вторникот во Подгорица, Црна Гора официјално ги исполни сите обврски и цели преземени пред две години кога стана полноправна членка на Алијансата.

Декларацијата на свеченоста ја потпишаа началникот на Генералштабот на црногорската војска, Драгутин Дакиќ, и командантот на Врховната команда на сојузничките сили за трансформација, Андре Ланата.

„Војската на Црна Гора ќе ѝ пристапи професионално на секоја задача за да ги достигне стандардите на НАТО и да покаже дека е веродостојна држава и доверлив сојузник во Алијансата“, изјави Дакиќ и додаде дека со членството во НАТО, Црна Гора го остварила еден од двата свои надворешнополитички приоритета.

Ланата од своја страна рече дека крајот на процесот на интеграцијата на Црна Гора претставува „одличен успех“ за оваа држава, но и за НАТО во целина.

„Северноатлантскиот сојуз уште еднаш покажа колку е привлечен како заедница којашто има волја да ги споделува и брани заедничките вредности и принципи. Вашиот успех е резултат на колективните напори кои опфаќаат напори во сите институции во Црна Гора“, рече Ланата.

Командантот на Алијансата во Подгорица се сретна и со црогорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој се заблагодари на поддршката од Сојузничката команда во изминатите две години. Црна Гора во јуни 2017 година, на свеченост во Вашингтон, со предавањето на „инструментот за пристапување“ формално стана 29-та членка на НАТО.

„Црна Гора останува активбно посветена на приоритетите и правците на дејствување на НАТО, вклучително и на политиката бна отворени врати, поддршка на интеграцијата на Северна Македонија, како и присуството во мисиите на Алијансата“, рече Ѓукановиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.