Црна Гора: Претседателски избори на 19-ти март

Претседателката на црногорскиот парламент, Данијела Ѓуровиќ, во понеделникот ги распиша изборите за претседател на Црна Гора за 19-ти март, со што ја отфрли можноста за одржување на вонредни парламентарни и претседателски избори во еден ден.

Како што објасни Ѓуровиќ, законскиот рок за распишување претседателски избори истекува во четврток, додека за распишување вонредни парламентарни избори потребно е да се распушти парламентот. Оваа иницијатива досега не е покрената од пратаниците.

„За да се донесе одлука за скратување на мандатот потребно е таа да биде предложена од најмалку 25, а да гласа 41 пратеник, а потоа следниот ден по стапувањето во сила на одлуката, претседателот на Црна Гора да распише избори“, рече Ѓуровиќ.

Посочи дека досега не биле исполнети условите за распишување вонредни парламентарни избори и дека распишувањето на изборите за претседател на Црна Гора не може дополнително да се одложува.

Распишувањето на претседателските избори доаѓа еден ден откако словенечката шефица на дипломатијата и специјална претставничка на ЕУ за Црна Гора, Тања Фајон, ја посети Црна Гора. Во неделата по средбата со лидерите на црногорската држава повтори дека Брисел очекува членовите на црногорскиот парламент да ги изберат судиите на Уставниот суд и не ја исклучи можноста ЕУ во спротивно да ги прекине пристапните преговорисо Црна Гора.

Црногорските претставници кон крајот на јануари или почетокот на февруари треба да се изјасната за судиите на Уставниот суд.

Црна Гора со месеци е во длабока политичка и институционална криза. Владата на Дритан Абазовиќ е во технички мандат од ланскиот август, а Уставниот суд на таа земја не функционира од септември бидејќи има само тројца судии од вкупно седум судии и не може да носи одлуки.

Претставниците во црногорскиот парламент се обидоа пет пати да изберат нови судии, но ниту еден од кандидатите не го доби потребното двотретинско мнозинство од 81 претставник на земјата во парламентот. Изборот на судии на Уставниот суд е услов и за одржување на најавените вонредни парламентарни и редовни претседателски избори, бидејќи токму оваа институција ги решава сите изборни жалби по изборниот процес.