Црна Гора протера уште четворица руски дипломати

Црногорското Министерство за надворешни работи прогласи за персона нон грата уште четворица дипломати од Амбасадата на Руската Федерација во Подгорица. Тие имаат рок од седум дена да ја напуштат таа држава.

-На рускиот амбасадор денеска му беше врачена официјална нота за оваа одлука, со која се одредува рок од седум дена за напуштање на територијата на нашата земја. Министерството ја донесе споменатата одлука врз основа на оценката на релевантните безбедносни тела во Црна Гора за активностите на руските дипломати и член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, се наведува во соопштението на МНР.

Министерството на почетокот на март, врз основа на проценката на Националната агенција за безбедност, го прогласи дипломатот Виктор Антипин за непожелна личност.