Црна Гора првата „корона фри“ држава во Европа

Црна Гора во неделата, 68 дена по првиот регистриран случај на короанвируост, нема повеќе заразени на својата територија, со што станала првата „корона фри“ држава во Европа, според податоците на црногорскиот Институт за јавно здравје.

Во Црна Гора веќе 20 дена последователно нема потврдени нови случаи на инфекција.

„Од вчерашниот пресек на состојбата, анализирани се 140 примероци меѓу кои немаше нови случаи и инфекција. Исто така, во Црна Гора во овој момент нема ниту активни случаи на зараза со новиот коронавирус“, соопшти црногорскиот Институт за јавно здравје, откако и вториот тест на последниот заболен пациент бил негативен.

Црногорските здравствени власти претходно соопштија дека прогласувањето на крајот на епидемијата ќе се случи кога вкупно 28 дена со ред нема да има случаи на зараза.

„Во практиката и во струката вообичаено е епидемијата од една заразна болест да се објавува кога во траење на два просечни термина на инкубацијата немало новорегистрирани случаи на заболувањето кои се заразиле на една територија. Во овој случај, значи, станува збор за ситуација дека во текот на 28 дена никој во Црна Гора не се заразил со вирусот“, се истакнува во соопштението на Институтот.

Појаснуваат дека вообичеано за некоја територија се вели дека е „слободна“ од одредени заразни болести кога нема регистрирани новозаболени во одреден временски период.

„Терминот ‘корона фри’ е повеќе колоквијален, а не стручен израз за означување дека на некоја територија нема заболувања. Идеално би било да го нема ни вирусот, што во околностите кога има регистрирани случаи во опкружувањето е речиси невозможно да се задржи и сочува“, додаваат од Институтот.

Директорот на институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша, пак, во изјава за медиумите рече дека крајот на епидемијата на коронавирусот во Црна Гора, доколку нема нови случаи, би можел да биде прогласен на почетокот на јуни.

„Ако до 2-ри јуни нема ниеден случај на коронавирусот, тогаш можеме да кажеме дека сме завршиле со оваа епидемија… Но овој вирус нема да исчезне тукутака и постои можност сѐ уште да е тука. Ние тестираме и бараме, а се надеваме дека така и ќе остане, да го нема“, изјави Мугоша за јавниот сервис РТЦГ.

Црна Гора беше последната европска земја во која беше потврдено присуството на коронавирусот, на 17-ти март. Од тогаш заболеле 324 лица, оздравеле 315 пациенти, додека девет починале.

Во текот на 70-те денови изолација, поради кршењето на мерките за заштита од заразата казнено се процесуирани 1.768 граѓани на Црна Гора, кои во добротворниот фодн мора да уплатат вкупно 106.000 евра.