Црна Гора со најголем број заразени со Ковид-19 на 100 илјади жители, Македонија е прва според смртност во регионот

Црна Гора сè уште е на првото место во регионот според бројот на заразени лица со вирусот ковид-19 на 100 илјади жители и има најмногу заразени на милион жители, пренесе Бета.рс.

Во Црна Гора се регистрирани 509 активни случаи на 100.000 жители, во Босна и Херцеговина (БиХ) 195, а во Албанија 176.

Во Северна Македонија има 105 активни случаи на 100.000 жители, во Косово 102, во Словенија 63, додека во Хрватска 52 заразени на 100.000 жители.

Во регионот, најголем број на пациенти на милион жители се регистрирани во Црна Гора, на второ место е Косово, а на трето место е Северна Македонија.

Во Црна Гора има 13.670 заразени лица на милион жители, во Косово 8.368 и во Северна Македонија 7.960.

На четвртото место е БиХ со 7.254 заразени на милион жители, следна е Србија со 4.713, Албанија со 4,3 илјади, Хрватска 3.657 и Словенија со 2.134 заразени на милион жители.

Бројот на заразени лица е изразен на милион жители заради подобра споредба.

Во регионот, најголем број хоспитализирани на 100 илјади жители е регистриран во Црна Гора, на второ место е Северна Македонија, а на трето е Хрватска.

Во Црна Гора се регистрирани 38 хоспитализации на 100 илјади жители, во Северна Македонија 16, во Хрватска седум, а во Србија пет хоспитализации на 100 илјади жители.

Во Словенија се регистрирани три хоспитализации на 100 илјади жители.

Во регионот, во однос на бројот на заразени, најголема смртност е регистрирана во Северна Македонија, на второ место е Косово, а на трето место е Словенија.

Во Северна Македонија стапката на смртност е 4,14 отсто, во Косово 4,07 проценти, Словенија 3,21, БиХ 2,99, Албанија 2,92 и Србија 2,25 отсто.

Стапката на смртност во Хрватска е 1,66 проценти, а во Црна Гора 1,58 проценти.