Црна Гора во црното сценарио, Подгорица пред затворање

Повеќе од десет илјади жители на Црна Гора, или 1,5 отсто од вкупното население, во моментов се заразени со коронавирусот, и тамошните епидемиолози предупредуваат дека земјата влегла во „црното сценарио“ и очекуваат наскоро затворање на главниот град Подгорица.

„Од вчерашниот пресек потврдени се 639 нови случаи, а оздравеле 290 пациенти. Во моментов активни се 10.207 случаи, што изнесува 1.620 на 100.000 жители“, соопшти црногорскиот Институт за јавно здравје истакнувајќи дека во последните 24 часа починале уште девет лица како последица од Covdi-19.

Во Црна Гора од неделата на сила се рестриктивните епидемиолошки мерки кои, меѓу другото, опфаќаат полициски час од 21 часот навечер до 5 часот наутро следниот ден, забрана за собирања, движењето надвор од матичните општини е забрането во текот на викендите, а од претходно носењето заштитни маски е задолжително и на отворени и во затворени простори.

Епидемиологот Божидарка Ракочевиќ смета дека Црна Гора „веќе е во црното сценарио“, како и дека поради тоа треба да се почитуваат воведените мерки. „Здравствениот систем е во проблем, речиси пред пукнување е… Сите се наоѓаме во магепсан круг. Апелираме да се почитуваат основните мерки“, рече Ракочевиќ за Телевизијата Вијести.

Помошникот на директорот на црногорскиот Институт за јавно здравје, Сенад Бегиќ, смета дека здравствените власти „одамна задоцниле“ со мерките за целосно затворање, туку дека се обидувале да најдат оптимално решение за економијата и за здравјето на граѓаните.

„Очигледно е дека не бевме во состојба тоа да го сфатиме и го имаме тоа што го имаме“, рече Бегиќ додавајќи оти верува дека ниедна земја на светот немала толку политички и верски собири како Црна Гора во периодот пред и по јуниските парламентарни избори.

Најтешка е ситуацијата во Подгорица каде се заразени повеќе од пет илјади жители, додаде Бегиќ. Во сабота ќе се одлучува дали црногорската престолнината, во која живее третина од вкупното население на земјата, ќе биде ставена „под клуч“.

„Во сабота е планиран пресек за Подгорица, доколку продолжи истата ситуација кога станува збор за непочитување на мерките и доколку ги добиеме истите информации од теренот, мислиме дека на сите им е јасно оти мора да има построги мерки. Неволно, секако, но тоа е единствената опција“, рече Бегиќ.

Црна Гора која на почетокот од мај се прогласи за единствената „корона фри“ држава во Европа, во првиот бран на епидемијата од средината на март до почетокот на мај, пријави само 324 потврдени случаи на коронаинфекции и девет починати. Второт бран започна кон средината на јуни, и од тогаш со коронавирусот се заразило севкупно 29.031 лице, или 5 отсто од целото население, а од последиците на инфекцијата починале 405 луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.