Четириесет деца годинава заболеле од рак. Најмладиот пациент е бебе на 3 ипол месеци. Во моментов на Клиниката за детски болести се лекуваат 20 деца, останатите го завршиле лекувањето, а дел се пуштени на домашно лекување. Според податоците од Клиниката најчесто децата заболуваат од леукемија.
-Настанувањето на ракот во детската возраст е комплексен процес и не може да се посочат една или две причини. Најчесто се надоврзуваат повеќе настани кои имаат влијание дури од интраутериниот развој па се до моментот на манифестирање на болеста. Постојат генетски и епигенетски фактори кои го зголемуваат ризикот за рак, вели д-р Светлана Кочева од Универзитетска клиника за детски болести – Скопје
Еден од надворешните фактори за појава на карцином кај децата според Светската здравствена организација е аерозагадувањето. СЗО алармира дека загадениот воздух остава тешки последици врз здравјето на децата.
„Постојат значителни докази дека изложеноста на воздух е поврзана со зголемен ризик од појава на леукемија во детството.“ , констатираат од СЗО.
Не само карциномот, децата што растат во загадена средина имаат поголем ризик за развој на астма, бронхитис, хронична опструкција на белите дробови и пневмонија.
Според СЗО аерозагадувањето е причина и за предвремено раѓање на бебињата, а загадениот воздух е и ризик фактор и за развој на многу хронични болести кај децата. Дел од лекарите пак, аерозагадувањето го поврзуваат и со појавата на аутизам.
Според статистиките на СЗО на глобално ниво – 600 000 деца годишно умираат од загаден воздух.